Премиерот Димитар Ковачевски, во вечерашното интервју на Сител телевизија, истакна дека договорот со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ за изградбата на коридорите 8 и 10д има ниво на доверливост, но тоа не значи дека некој нешто сака да сокрие. Ковачевски потсетува на обврзувачките процедури кои ги има во секој вид договор, односно за нивото на доверливост. Тој истакна дека инфраструктурното делување во нашата држава е поддржано и од страна на амбасадата на САД. Договорот како што рече премиерот ќе го добијат пратениците и ќе се уверат дека се запазени сите законски процедури. Премиерот во интервјуто појаснува дека договорот е достапен до сите оние инстанци кои имаат право да го добијат согласно постапките и процедурите во државата.
„Амбасадата на САД поддржува, исто како што јас поддржувам американски и компании од ЕУ како и од наши партнерски држави да бидат дел од нашите инфраструктурни проекти. Токму Бехтел е една од најголемите американски компании во делот на инфраструктура. Самиот договор е правен врз основа на специјалниот закон и врз основа на запазување на сите процедури. Комитетот којшто работеше на подготовка на договорот и сите ресорни министерства ќе им бидат на располагање на пратениците, исто како што беа на располагање на медиумите во два наврати преку детални брифинзи да го објаснат. Истото тоа ќе се направи и за експертската јавност и за невладините организации. Целта ни е сите да се уверат дека се работи за проект којшто прво е најголем проект, има огромно значење и заедно со другите проекти ќе има позитивен ефект на македонската економија. Овие инвестиции на годишно ниво ќе значат најмалку 2% зголемување на БДП на државата, зголемување на вработеноста бидејќи голем број на вработени ќе работат на овој проект. Зголемување на економската активност во голем број на области, бидејќи кога се работат вакви големи инфраструктурни проекти не се работи само за конкретни инфраструктурни работи, туку и за придружни индустрии од сместување на работниците, од подготовка на храна, логистика итн“, изјави премиерот Ковачевски за Сител.
Изградбата на коридор 8 и коридор 10д е најголемиот инфраструктурен проект во историјата на нашата држава, истакна премиерот Ковачевски. Со изградбата на двата коридори Северна Македонија ќе има голем економски развој и ќе влезе во мрежата на главните трансевропски коридори.
„Овој проект ќе претставува голем поттик за македонската економија со оглед на тоа дека доколку ги собереме сите инвестиции кои се веќе започнати во државата, значи покрај овој патен правец коридор 8 и коридор 10д ние веќе се наоѓаме во фаза на изградба на пругата кон Бугарија, потоа се планира исто така изградба на пруга и кон Албанија. Веќе министерот за транспорт и врски е во разговори. Јас ги завршив разговорите со колегата Вучиќ во делот на брзата пруга којашто ќе биде градена од Будимпешта – Белград, Белград до македонската граница. И веќе сме во фаза на потпишување на меморандум брзата пруга да продолжи и до нашиот главен град до новата железничка станица во Скопје. Со тоа ќе обезбедиме модерна инфраструктура којашто ќе овозможи државата да има поголем економски развој и порамномерен регионален економски развој“, рече претседателот на Владата, Ковачевски.