Македонија и Британија потпишаа меморандум за соработка за заштитата од дискриминација

Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски и амбасадорот на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска во Република Македонија Кристофер Ивон денеска потпишаa Меморандум за соработка за проектот „Градење на капацитетите на Министерството за труд и социјална политика за имплементирање на Националната стратегија  за еднаквост и недискриминација по основ на етничка припадност, пол, возраст и лица со посебни потреби”.

- Проектот треба да овозможи подобрување на капацитетите на централните институции (судство, министерства, собрание, народен правобранител) и  на социјалните партнери, рече по потпишувањето на меморандумот министерот Ристовски.

Тој појасни дека во рамки на проектот треба да се изработи физибилити студија за тековните состојби во однос на еднаквите можности и антидискриминаторски практики, како и достапните механизми.

- Исто така, ќе се обучи национален тим од 15 клучни обучивачи, како и 600 јавни и државни службеници и социјални партнери и невладини организации обучени од страна на обучувачи, со цел навремено реагирање и препознавање на дискриминнација, а ќе се подготви и декларација за меѓуинституционална соработка на полето на дискриминацијата и заштита на човековите права, рече министерот за труд и социјална политика.

Британскиот амбасадор Ивон истакна дека во рамките на проектот Велика Британија ќе се обиде да ги подели со Македонија искуствата што ги има во оваа сфера.

- Преку британската експертиза која ќе ја донесеме преку партнерот кој ќе го спроведува овој проект, а тоа е Британскиот совет, ќе ги размениме најдобрите практики, но исто така ќе помогнеме да надминеме некои пречки кои ние сме ги имале и со кои сме се соочувале кога ги имплементиравме меѓународните конвенции и договори, рече Ивон.

Со проектот, посочи британскиот амбасадор, ќе се оживее правната рамка во пракса за да може да биде од корист за сите граѓани, во насока за заштита од дискриминација, еднакви права.