Груевски: Владата ќе обезбеди 100 милиони евра за евтини кредити

Владата ќе обезбеди нови 100 милиони евра од ЕБРД за кредитирање на фирмите за ублажување на последиците од европската должничка криза, најави денеска премеирот Никола Груевски. 

- Ќе продолжиме со различни мерки и активности за ублажување на последиците од европската должничка криза како што се преземање на нови кредитни линии од ЕБРД. Наскоро треба да се финишира новата кредитна линија од ЕБРД за македонските претпријатија вредна 100 милиони евра, изјави премеирот Груевски по доделувањето на наградите во рамките на Европската недела за мали и средни претпријатија и европскиот ден на претприемачот за 2012 година.

Во еден период, нагласи, банките само ја даваа претходната кредитна линија од ЕБРД бидејќи беше со најниска камата и најдобри услови и беше најбарана од фирмите.

Премиерот не е изненаден од падот на индустриското производство во последните осум месеци.

- Се разбира дека сум загрижен, но не сум изнаенаден компарирајќи се со другите земји и знаејќи што се случува во еврозоната со оглед на тоа дека во Европа постои должничка криза која предизвика рецесија. Кај нас има само намалување на индустриското производство и на севкупното производство што е еден помал дел од можните штети што можат да се направат, рече премиерот Груевски.

Правиме, додаде, се што е во наша моќ да се ублажи падот на производството и преземаме многу чекори за да се ублажат последиците од европската криза.

Секаде низ Европа, нагласи, има пад на индустриското производство и не само тоа, туку има и зголемување на даноците низ европските држави. Се додека таму се случува тоа Македонија не може да остане изолирана. 

- Од 27 држави 26 земји-членки на ЕУ ги зголемија даноците, а последно Чешка го зголеми ДДВ-то од 19 на 26 проценти. Некои од нив ги намалија и пензиите и платите и избркаа многу луѓе од јавната администрација, ги намалија субвенциите за земјоделствот, кај некои од нив пропаднаа банките. Ние ќе продолжиме да преземаме мерки кои ќе ги ублажуваат работите се додека ЕУ не излезе од рецесијата и должничката криза, бидејќи сме пазар што е поврзан со ЕУ и 90 отсто извезуваме во Унијата и во земјите што се Поврзани со ЕУ како што се балканските држави, истакна Груевски.

За денешното тврдење на дел од универзитетските професори дека треба да им се помогне на фирмите, посочи дека Владата континуирано го прави тоа и не чека од професорите да и кажат дека треба да им помогне на фирмите.

- Никогаш не можеме да кажеме дека е крај и оти тука застануваме со помошта на фирмите. Дури и нова тура на мерки кога ќе преземеме, а се надевам дека ќе има дополнителни чекори, не мора групни може и поединечни, секогаш после ќе може да се каже дака може уште повеќе. Отворени сме за сите идеи и за сите размислувања и се што е позитивно го прифаќаме, но и самите работиме да искреираме што е можно повеќе мерки, рече Груевски.

За време на глобалната економска криза со четирите пакети антикризни мерки, додаде, сотици и стотици мерки беа преземени  кои се уште се на сила. - Толку мерки практично ниту една држава во Европа не презеде и не случајно  Македонија беше една од земјите што најдобро се справи со ударот на светската економска криза, што е оценка на ММФ и Светската банка, рече премиерот.

Ребалансот на буџетот смета дека е навремен потег и навремен одговор на продлабочената рецесија и должничка криза во Европа што се рефлектира на многу држави, нешто, што како што рече, го потврдиле и меѓународните финансиски институции. 

- Независно што ние сме четврта најниско задолжена држава во Европа и немаме никаков проблем со сервисирањето на нашите долгови, бидејќи сме ниско задолжена држава, ние сме директно поврзани со економиите во ЕУ и природно е  во таква ситуација да имаме проблеми. Преземаме мерки и работиме на тој план, истакна премиерот Груевски.