Денеска, (06.05.2023), министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски по повод 7 Мај – Денот на македонската полиција упати честитка до припадниците на македонската полиција, вработените во МВР.
„Ова е ден на кој оддаваме признание на полициските службеници кои ги доведуваат во опасност сопствените животи, додека ги извршуваат своите работни задачи во служба на граѓаните и на државата. Ми претставува чест што како министер за внатрешни работи имам можност секојдневно да соработувам со полициските службеници низ државата и да се уверам во непоколебливата посветеност на она што значи заштита на јавното добро, на чување на јавната безбедност, почитувањето на законите и сигурноста на заедницата”, рече Спасовски во видео честитката.
Истакнувајќи дека нема ништо поблагородно од тоа што полициските службеници се на браникот на државната сувереност, на сигурноста на граѓаните, гарантирајќи мир и безбедност за секого, министерот Спасовски рече дека полициските службеници се симболот на довербата во институциите.
„Почитувани колеги, вие сте симболот на довербата во институциите. Токму полициската униформа влева чувство на сигурност, на спокоен живот. Вие сте првиот пријател на граѓанинот, кога станува збор за одржување на јавниот ред и мир, за безбедноста во сообраќајот, за имотни деликти, спасувачка мисија или некоја покомплексна оперативна акција, како што се оние за сузбивање на недозволена трговија со дрога и оружје, илегална миграција или пресметка со организирана криминална група. За сите овие активности влогот е енормен, бидејќи често знаат да бидат и многу ризични”, истакна Спасовски.
Потсетувајќи се на полициските службеници кои го положија својот живот борејќи се за безбедноста на граѓаните, Спасовски рече дека тие се вечна инспирација за сите.
„На овој ден со неизмерна почит се потсетуваме и на полициските службеници кои ги положија своите животи борејќи се за безбедноста на граѓаните и државата. Нивната храброст и жртвата која ја дадоа никогаш нема да бидат заборавени! Тие остануваат во спомените и претставуваат вечна инспирација за сите нас!”, истакна Спасовски.
Говорејќи за тоа дека денес македонската полиција е на граѓаните, Спасовски истакна дека за тоа укажуваат самите резултати на МВР.
„Денес можам со задоволство да кажам дека македонската полиција е на граѓаните, но бескомпромисна по прашање на криминалот. Нејзината ефективност од година во година расте, а со тоа расте и довербата во институцијата. А, за тоа говорат резултатите. Република Северна Македонија е најбезбедна земја на Западен Балкан, во друштво на 36-те најбезбедни земји во светот. 2022 година ја завршивме со најдобри резултати во последните 30 години! Тоа се наши заеднички резултати!”, рече Спасовски.
Спасовски потенцираше дека е креирана силна и задоволна полиција и безбедни и спокојни граѓани.
„Со речиси 80 реновирани објекти низ државата, со нови униформи и опрема, пет исплатени бонус плати, за скоро време и 6-та бонус плата, во четири наврати зголемени плати од 2017 година па наваму, поттикнавме ефикасна оперативна работа на терен со што го намаливме криминалитетот. И не отстапуваме од нашата агенда со цел уште подобри резултати и уште поголема безбедност!”, рече Спасовски.
Честитајќи го 7 Мај, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на вработените во МВР им посака здравје и просперитет, како и многу успеси и уште подобри резултати.