Форум за развој на малите хидроцентрали во Македонија

Истакнувањето на проблемите со кои се соочуваат инвеститорите од правен, технички и финансиски аспект при изградбата на малите хидроцентрали во Македонија, беше тема на денешниот Форум за развој на малите хидроцентрали во земјава, организиран од ИФЦ.

Министерот за економија Ваљон Сарачини во своето обраќање истакна дека досега се спроведени пет тендерски постапки за доделување на концесија за вода за производство на електрична енергија од мали хидроцентрали за дел од 408. локации одредени со Студијата направена во соработка со Светска банка.

Доколку бидат изградени сите планирани мали хидроцентрали, додаде, ќе имаат моќност од околу 350 мега вати и производство на електрична енергија од 1.200 гига ват часови годишно, односно исто колку Чебрен и Галиште или Вардарска долина. 

- Досега се потпишани 68 договори за концесија, од кои 21 пред четири месеци, со вкупна иснсталирана моќ од 58 мега вати и очекувано годишно производство од 120 гига ват часови. Вкупната очекувана инсвестиција е проценета на околу 120 милиони евра, рече министерот Сарачини.

Моментално, додаде се изградени пет, од кои две се веќе вклучени во производство, а останатите три ќе бидат вклучени наскоро. До крајот на годинава ќе бидат готови уште пет мали хидроцентрали.

- Сите други се во напредна фаза на изведба и се очекува до крајот на наредната година да бидат завршени бидејќи е услов три години по потпишувањето на договорот да бидат готиви, појасни Сарачини.

Досега, додаде, нама ниту една одземена концесија иако, како што кажа, инвеститорите имале проблеми со жителите и градоначалниците на две општини, но тоа се решило на седница на Влада и наскоро се очекува да почнат градежните работи.

- Концесионерите најмногу се жалат на добивањето согласности од институциите, но според договорот  за секое доцнење кое е по вина на институциите  со одлука на Влада  рокот може да се продолжи. Ние го направивме тоа таму каде што утврдивме дека вината е во  институциите и им го продолживме рокот толку колку што чекале за добивање согласност или мислење, изјави Сарачини пред почетокот на форумот. 

Министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми рече дека и по преземањето на надлежноста за објавување на тендерите за малите хидроцентрали од Министерството за економија ќе продолжат да соработуваат со ИФЦ во делот на консултантските услуги.

- Очекувам за 30 дена да се објави нов тендер и се надевам дека заедно со Министерството за економија и ИФЦ ќе приоднесеме да имаме поголем број на успешни концесии, изјави Адеми пред почетокот на форумот.

Концесионерите, додаде, најмногу забележуваат што рокот за концесионирање започнува веднаш по потпишувањето на договорот, а градбата почнува по две или три години, додека производството по четири години од потпишувањето.

- Концесионерите бараат периодот за концесионирање да почне да им се пресметува барем од денот на добивањето на дозвола за градба. Имаат и други забелешки кои ќе се обидеме во следниот тендер да ги елиминираме, рече Адеми.

Небојша Арсенијевиќ, менаџерот на Балканската програма за обновливи извори на енергија на ИФЦ истакна дека покрај во Македонија присутни се со проекти и во Албанија, Босна и Херцеговина,а од јули ќе започнат во Србија и во останатите балкански земји.

- Балканот изобилува со хидропотенцијал. Нашата задача е да направиме добар амбиент за вложувања. Сметам дека ќе има инвестиции во регионот во хидроцентрали ако се отстранат регулаторните проблеми. Регулативата во Македонија моментно е многу подобра отколку што беше во Албанија и Босна и Херцеговина кога почнавме со нашите активности во рамките на проект за изградба на малите хидроцентрали. Кај вас не е потребно да се прават основните закони, туку само мали подзаконски акти, стандардни документи и договори за откуп на струја, односно некои мали документи кои ќе им помогнат на компаниите да ги смалат ризиците за инвестицијата, рече Арсенијевиќ.

Тој посочи дека ИФЦ соработува со државите на унапредување  на регулативата, со приватните форми на развојот на нивните прокети и со банките преку обука како да направат специјални производи за мали хидроцентрали.