Ставрески: 450 милиони евра за поддршка на економијата

Падот на индустриското производство во Македонија е последица на падот и рецесијата во Европа. За да се ублажат последиците Владата континуирано е посветена нанаоѓање нови мерки, а меѓу нив се нови 100 милиони евра за малите и средни претпријатија кои ќе бидат достапни до крајот на јуни и 350 милиони евра капитални инвестиции предвидени во ребалансот на буџетот.

- Седумнаесет од 27 земји од Европската унија имаат пад на индустриското производство кој е во некои земји поизразен отколку во Република Македонија. Секако не значи дека тоа не не загрижува  и будно ги следиме состојбите, изјави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.

Додаде дека Владата останува на континуирано наоѓање нови мерки и продолжување на некои од претходните што се покажаа како ефикасни. 

- Една таква крупна мерка ќе ја имплементираме во текот на јуни, а ќе важи за следните 10-12 месеци, е обезбедувањето 100 милиони евра од кредитната линија  на Европската инвестициска банка за мали и средни претпријатија. Досега со претходните средства што ги обезбедивме од ЕИБ со 150 милиони евра 712 македонски претпријатија обезбедија работа, ликвидност и не отпуштија работници. Тој ги охрабри претпријатија што побрзо да ги искористат новите 100 милиони евра, бидејќи тие се наменети токму за малите и средни претпријатија кои во вакви околности потешко доаѓаат до финансиски средства заради поконзервативниот однос на банките. Тие средства ќе бидат понудени по субвенционирана каматна стапка од 5,5 проценти и на тој начин директно ќе му помогнеме на македонското стопанство, истакна министерот.

Втора мерка, како што додаде тој, е навремена реализација на капиталните инвестиции кои во ребалансот на буџетот се предвидени на историски највисоко ниво од 21,5 милијарда денари, односно 350 милиони евра. - Очекувам тоа да помогне на многу фирми и во градежништвото и во индустријата со оглед на тоа дека во странство нивните нарачки се намалени и мора да се креира домашна побарувачка, односно домашен ангажман за нашите фирми, рече министерот.

Според него, тоа се клучни мерки, но оти важно е и тоа што компаниите не плаќаат данок на остварената добивка и плаќаат само 10 проценти персонален данок, кој е најнизок во Европа каде сите земји, 26 од 27 ги зголемија даноците во овој период, а Македонија и Владата не го направија тоа.

Ставрески вели дека во овој момент не може да се прогнозира дали македонската економија ќе биде зафатена од рецесија, бидејќи како што појасни, рецесијата значи негативен раст во два последователни квартали. -  Последниот квартал во 2011 година имаше позитивен раст, така формално и да биде првиот квартал негативен, што е очекувано бидејќи индустријата има негативна стапка сметам дека е прерано да антиципираме што ќе се случи во вториот квартал од годинава, рече Ставрески и додаде дека задача на Владата и стопанството  е да извлече максимум од оваа ситуација да ги ублажи последиците, а кои не може целосно да ги избегнеме бидејќи она што се случува во Европа е навистина од големи размери  и криза која ги зафаќа најстабилните и најсилните земји.