Министерот Бочварски се обрати на настан по повод Меѓународниот ден на Власите

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, денеска се обрати на настан по повод Националниот ден на Власите во организација на Меѓународниот сојуз на Власите во Македонија.

Во продолжение интегралното обраќање на министерот Бочварски.

„Осoбена е честа и задоволство денеска заедно да го прославиме Националниот ден на Власите.

Власите од целиот свет се навраќаат и се сеќаваат на своето славно минато, ги славатсвоите славни историски имиња, но изразуваат и голема благодарност на народите со кои живеат со векови и кои во одредени историски периоди помогнале во нивното битисување.

Огромна е улогата на Власите во историските настани на немирниот Балкан. Историјата запишала дека во времето кога се создавале новите национални балкански држави, овие потомци на овој стар народ, биле рамо до рамо со сите херои. Во своето постоење биле и дел од граѓанскиот сталеж и интелктуалната, политичката и економската елита на овие простори.

Јас сум роден сум и израснат во Штип, град во кој што живеат многу Власи. Имам многу другари и пријатели Власи и можам да кажам дека тоа се добри домаќини, еснаф луѓе, вредни и прекрасни пријатели. И можам слободно да спомнам дека највпечатлив дел од нивната традиција е свадбеното знаме без кое не се започнува ниту една влашка свадба.

Почитувани пријатели, Република Северна Македонија е држава која ги почитува различностите и ги применува препораките на Советот на Европа од Резолуцијата 1333 усвоена во 1997 година со која Комитетот на министри ги повикаа државите во кои живеат Власи активно да се вклучат
во проекти за зачувување на влашкиот јазик како културно богатство на Европа. А Европа е иднината на оваа наша заедничка држава. И сега ја имаме шансата да им овозможиме на нашите деца подобар живот. Успехот со членството во НАТО и почетокот на преговорите со Европската Унија ни отвораат нови можности и перспективи. Тоа е процес кој значи напредок за државата, реформи кои ќе создаваат европски институции, стабилност и предвидливост на економските текови, повеќе странски инвестиции, повеќе работни места, со еден збор подобар стандард за граѓаните.

Во времиња на предизвици важно е единството на граѓаните. Убеден сум дека и денеска и во иднина, Власите заедно со Македонците, Албанците, Турците, Србите, Ромите, Бошњаците и сите останати ќе бидат прогресивен елемент и фактор на стабилност во просперитетна и европска Македонија.

Нека е честит и вековит Националниот ден на Власите!“