Промовиран правилникот за организирање здравствени пунктови во компании со над 100 вработени

Министерството за здравство го донесе правилникот за организирање здравствени пунктови во организации со над 100 вработените. Следната недела се очекува да излезе во Службен весник, по што ќе следи обврската да бидат организирани во рамки на претпријатијата и институциите.

Ова го соопшти министерот за здравство Никола Тодоров денеска промовирајќи го правилникот, во кој како што објасни, се предвидува во компаниите да има набавено еден дефибрилатор и обучени пет лица кои ќе може да го користат и да дадат прва помош.

Обврска за организирање здравствени пунктови имаат и хотелите и хотелски комплекси со еден преносен дефибрилатор, што ќе биде опремен со кутија за прва помош. Хотелите кои организираат свечености и слични настани треба да обезбедат за време на одржувањето присуство на едно лице кое знае да ракува со дефибрилаторот и да даде прва помош. Кај компаниите кои имаат над 100 вработени, но се распоредени во повеќе подружници, а во кои нема над 100 вработени, ќе треба да има само кутија за прва помош и едно до две лица обучени да дадат прва помош.

- Највисок приоритет треба да биде спасување живот. Ова е многу благороден проект и апелирам до сите дека кога се размислува на овој проект се размислува на еден спасен живот, рече министерот Тодоров посочувајќи дека кардиоваскуларните болести се најчеста причина за смртност во Македонија, односно се на прво место.

Проектот се спроведува со помош на Клиниката за кардиологија и Црвениот крст на Македонија. Клиниката за кардиологија ќе спроведе обука на медицински персонал, кој пак ќе ја спроведе обуката на немедицинскиот персонал кој ќе дава прва помош и ќе ги користи дефибрилаторите.

Според министерот, проектот не е експеримент во Македонија, туку тој се применува во САД, Австрија и Франција.

За директорот на Кардиологија Сашко Кедев овој проект е прв чекор на државата со кој се придонесува да се намали смртноста. Тој укажа дека половина од смртните сучаи настануваат надвор од медицинските институции и тоа на неколку минути пред да бидат донесени.

– Дефибрилацијата во западните земји го прават немедицински лица, не треба да дојде медицинска екипа за да се спаси живот, порача Кедев и додаде дека нема штета од користењето на дефибрилаторот ниту за пациентот, ниту за изведувачот. Тој појаснува дека се користат автоматски и полуавтоматски дефибрилатори кои сами утврдуваат дали има потреба да се користи.

Генералниот секретар на Црвениот крст на Македонија Саит Саити на прес-конференцијата посочи дека тие ќе ги стават сите свои капацитети за подобра имплементација на овој проект. Како организација веќе спроведуваат обуки за користење дефибрилатори и оти имаат поставено на плажите во Охрид, и оти следи поставување на струшкото крајбрежје и на базените во Скопје.  

- Сите аргументи водат кон примена на овој проект, вели Саити додавајќи дека 5 милиони работници во Европа годишно страдаат и умираат.

Организирањето здравствени пунктови е обврска предвидена во Законот за здравствена заштита.