Доделени првите лиценци за социјалните работници

На 151 стручен работник кои работат во центрите за социјална заштита денеска им беа врачени првите лиценци во рамки на процесот за лиценцирање што започна пред половина година.

Процесот поздразбира издавање и одземање на лиценци, следење и оценување на работата на социјалните работници со цел да се задоволат потребните професионални стандарди и потребите на крајните корисници. 

Министерството за труд и социјална политика очекува дека со воспоставувањето на системот за лиценцирање ќе се одржува континуитет во давањето на услуги, а најголем бенефит сепак ќе имаат корисниците.

- Очекувам да ги почитувате основните права, вредности и достоинство на сите луѓе и да го уважувате нивното право на приватност и тајност. Да ги преземете сите мерки на заштита на правата на корисникот. Да ги почитувате и да не ги дискриминирате корисниците, без оглед на нивните индивидуални разлики во остварувањето на правата од социјалната заштита и да не го повредувате човековите права на корисниците, истакна министерот Спиро Ристовски, обраќајќи им се социјалните работници на денешното доделување на првите лиценци.

Според него, овој процес може да придонесе и во навремено и целосно интервенирање во случаите каде се прекршуваат основните права на семејството.

- Верувам во капацитетите на стручните работници во центрите за социјална работа и мислам дека ова може да придонесе многу повеќе за навремено и целосно интервенирање во таквите специфични ситуации, но мораме да бидеме свесни дека функционирањето во системот на социјална заштита претставува и општествена одговорност, рече Ристоски.

Тој ги повика останатите социјални работници да аплицираат за јунската сесија која веќе од вчера е започната. 

Татјана Ристова - Димова од Комисијата за лиценцирање појасни дека лиценцирањето е поврзано со едукацијата што се однесува не само на стручните знаења, туку и на сите нови конвенции, законската легислатива и новите трендови. 

До крајот на годинава треба да бидат доделени лиценци за околу 700 стручни работници кои работат во центрите за социјална заштита. Досега, Комисијата за лиценцирање има донесено одлука со ваква лиценца да се стекнат 329 стручни работници. Покрај денешните, останатите 173 лиценци ќе бидат врачени во текот на овој месец.