Објавен меѓународен тендер за фракционирање на плазма за потребите на Институтот за трансфузиологија

Институтот за трансфузиологија во соработка со Министерството за здравство објави меѓународен тендер за фракционирање на плазма што ќе заврши со електронска аукција на 23 јули.

Со тендерот Институтот ќе најми фирма која ќе изврши фракционирање на плазмата, технолошка постапка со која се одвојуваат компонентите на плазмата и се преработуваат за понатамошен третман на пациентите.

- Во тендерот се бара да се изврши преработка на плазмата во четири деривати и тоа хуман фактор 8 со висока чистота, хуман фактор 9 со висока чистота, албумин солуција и имуноглобулин за интравенска апликација. Тендерот ќе биде тригодишен, а ќе се додели на понудувачот што ќе понуди најниска цена за франционирање на 5.000 литри плазма годишно, односно вкупно 15.000 литри плазма за период од три години, истакна министерот за здравство Никола Тодоров на денешната прес-конференција.

Тој појасни дека хуман фактор 8 со висока чистота и хуман фактор 9 со висока чистота претставуваат есенцијална терапија за лицата заболени од хемофилија, а албуминот и имуноглобулинот се користат во хирургијата и во современите методи во неврологијата.

- Очекуваме количината на тендерот да ги задоволи годишните потреби на Македонија за наредните три години. Годишно од 5-те илјади литри плазма очекуваме да се фракционираат 5.000.000 интернационални единици (ИЕ) хуман фактор 8 со висока чистота, 900.000 ИЕ хуман фактор 9 со висока чистота, 80.000 грама пет-процнетна и 20-процентна албумин солуција и 4.000 грама 5-процентен имуноглобулин за интравенска апликација, нагласи Тодоров.

Избраниот понудувач, посочи, ќе има обврска да ја преземе плазмата од Институтот, да ја транспортира до местото на фракционирање, да изврши вирусолошки тестирања на плазмата, да ја фракционира и готовите производи да ги достави до Институтот.

- За унапредување и модернизирање на земањето на крвна плазма Институтот објави и тендер за набавка на апарати за плазмофереза, односно апарати со чија помош директно се дарува крвна плазма наместо крв. Во тек е и постапката преку ИПА фодновите за обезбедување на ладилници и центрифуги со што Институтот во целост ќе биде опремен, рече Тодоров.

Македонија, нагласи, е првата земја од регионот по Словенија, која има десетгодишно искуство на тоа поле, што започна со фракционирање на крвна плазма. За таа цел, додаде, при подготовката на тендерот учествувал и експерт од Словенија.

Директорот на Институтот Ристо Дуковски истакна дека снабденоста со фактори за коагулација е на оптимално ниво и оти во Македонија се обезбедени по три единици хуман фактор 8 со висока чистота и по една единица хуман фактор 9 со висока чистота по глава на жител.

Во моментов, како што рече, во Македонија има 300 лица со хемофилија од типот А и Б и неколку лица со инхибитори.

- Заврши и тендерот за набавка на фактори за вонвилебранд, со што започнавме и со лечење на лицата со вонвилебранд,  рече Дуковски.