Податоците за осудените педофили од денеска достапни на интернет

Податоците за осудените за кривични дела за сексуална злоупотреба на деца и педофилија од денеска ќе бидат достапни за јавноста преку Посебниот регистар достапен на интернет страницата www.registarnapedofili.mk .

- Регистарот содржи податоци за името и презимето, датумот на раѓање, адреса на живеење, кривичното дело за кое е осуден и фотографија. Дојде денот кога поголема казна за нив од казната зад решетки е да се најдат и прочитаат со име и презиме јавно на интернет страницата, рече министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски на денешната презентација на Посебниот регистар.

На ваков начин, според министерот, секој граѓанин ќе може на лесен начин со пребарување по име и презиме, прекар, или пак само по место на живеење или општина, да видат дали во нивна близина живее некој сторител на вакво кривично дело. Така, истакна министерот, ќе се обезбеди поголема заштита за децата да не станат нивни жртви.

Доколку со ова, рече министерот за труд и социјална политика, се заштити или спаси животот на макар и едно дете, тогаш целта од креирањето на еден ваков регистар е исполнета. Искуствата од други земји, додаде, покажале дека јавното објавување на податоците на сторителите дале големи резултати во превенцијата на ваквите кривични дела.

Во моментов регистарот има податоци за 100 осудени лица, но, како што истакна министерот Ристовски, се очекува во наредниот период таму да се најдат дополнителни дваесеттина сторители откако ќе добијат правосилни пресуди.

Потребата за креирање ваков регистар произлегла од зголемениот број повторници на овие кривични дела. Според анализираните судски пресуди за периодот јануари 2004 до 2009 година од 231 осудено лице, 191 лице се примарни престапници, 38 или 16 отсто се повторници од кои 26 се еднократни повторници, а 12 осудени лица се повеќекратни престапници.

Осудените лица должни се по истекот на изречената казна најмалку еднаш годишно, пет дена пред нивниот роденден и до крајот на нивниот живот да се пријавуваат кај надлежниот судски орган, а доколку не се пријават предвидена е парична казна.

На ваков начин, смета министерот Ристовски, осудените лица ќе бидат контролирани до крајот на нивниот живот, со цел да се следи нивната состојба, движење и местоположбата.

- Доколку осуденикот биде забележан на места каде што има повеќе деца, како што се градинките, детските игралишта, игротеки и парковите, службено лице од МВР и секој граѓанин ќе има обврска да го пријави во полиција, при што прво ќе добие усна опомена, но доколку повторно се затекне на такво место ќе биде известен надлежниот судски орган, за што е утврдена и парична казна или казна затвор до една година, рече тој.

Во моментов максималната казна што може да ја добие сторител на вакви кривични дека според Кривичниот законик е 15 години. Граѓанските здруженија кои ги штитат правата на децата, бараат уште построги казни и дополнителни мерки, за кои министерот Ристовски најави дека ќе бидат разгледани. Ќе направиме се, рече тој, животите на децата за бидат заштитени.

Република Македонија е биде прва земја од регионот што ќе користи ваков регистар за педофили.