ИТ секторот ги поздравува најновите владини мерки

ИТ фирмите во Македонија ги поздравуваат новите владини мерки за доделување ваучери на апсолвенти од социјално загрозени семејства и за вработување преку познат работодавач што треба да се реализираат до крајот на годинава.

- Начелно ги поддржуваме двете мерки на Владата, но за деталите ќе се произнесеме за два до три дена и ќе излеземе со конкретни предлози. Било која мерка која контрибуира за заздравување на индустријата е добредојдена од наша страна, изјави претседателот на МАСИТ Игор Бимбиловски по средбата со министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски на која им ги образложи новите владини мерки.

Во наредните два до три дена, посочи, ќе излеземе со наши конкретни предлози како да се реализира со најголем бенефит за сите проектот за доделување на ваучери на апсолвенти од социјално загрозени семејства, кои ќе ги доставиме до министерот Ивановски. Дискутиравме, додаде, и за праксите на студентите кај познати работодвачи што начелно го поддржуваме.

- Како Комора сакаме да дадеме свој придонес и за праксите, бидејќи од големо значење е фирмите, студентите и Владата да учествуваат во процесот на градење на одржлива база на експерти од ИТ индустријата во Македонија, рече Бимбиловски.

Тој нагласи дека се уште не направиле проценки колку невработени ќе можат да апсорбираат ИТ компаниите од новите владини мерки.

- Генерално целата економија се соочува со одржливоста на бројот на вработени. Не станува само збор за нови вработувања и нови пракси, туку и за одржување на моменталниот број на вработени во оваа индустрија која во определени сегменти, а посебно во сегментот на хардверот во последните две до три години бележи пад на вкупниот обрт на пазарот како последица на светската економска криза, рече Бимбиловски.

Во новиот пакет од вкупно 12 мерки кој го најави Владата, ќе се доделуваат и ваучери за компјутери за апсолвенти на државните универзитети кои се од социјално загрозени семејства. Се претпоставува дека околу 3.000 студенти на овој начин ќе добијат ваучер.

Илјада лица ќе бидат вработени со третата мерка за вработување преку познат работодавач. Ќе аплицираат лица на возраст до 27 години кои ќе минат низ обука за практиканство. Агенцијата за вработување ќе им исплаќа по 4.000 денари месечно додека се на обука. Предност ќе имаат лицата со образование и вештини блиски до потребите на работодавачот, кој ќе има обврска да вработи најмалку 50 отсто од оние кои ќе ја минат обуката.