Спасовски на промоција на План за интегритет на МВР (2023-2025): Високиот полициски интегритет е фундамент за ефективна борба против криминалот и нулта толеранција на корупцијата

Денеска, (26.06.2023) Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија во партнерство со ДЦАФ- Женевскиот центар за управување со безбедносниот сектор, го промовираше Планот за интегритет на Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија (2023-2025).

Промоцијата на планот е поддржана во рамките на Програмата за реформи во разузнавачкиот и безбедносниот сектор во Северна Македонија, спроведувана од ДЦАФ и финансирана од Швајцарската Агенција за развој и соработка (СДЦ), Шведската агенција за меѓународен развој и соработка (СИДА) и Министерството за надворешни работи на Холандија.

Свое обраќање на промоцијата имаа министерот за внатрешни работи за Република Северна Македонија, Оливер Спасовски, раководителот на СИДА во Северна Македонија, Микаел Атерхог, програмскиот менаџер на ДЦАФ, Ирена Џајковска, а презентација и осврт на планот даде деканот на Факултетот за безбедност – Скопје, проф. д-р Никола Дујовски.

На промоцијата присуствуваа претставници на на Комисијата за одбрана на Собранието на Република Северна Македонија, на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, на ИЦИТАП, на Советот на Европа, на Проектот на ЕУ за владеење на правото, на Факултетот за безбедност, на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски", на Центарот за европски стратегии ЕВРОТИНК, на Здружението на жени од безбедносниот сектор,

Упатувајќи благодарност до сите инволвирани за вложениот труд и експертизата во подготовката и финализацијата на овој значаен интерен документ за МВР, министерот Спасовски рече дека Планот за интегритет во МВР претставува вредносно -  стандардизирана рамка за зачувување и подобрување на интегритетот на работниците во Министерството за внатрешни работи, којшто воедно овозможува и проценка на изложеноста на различни ризици на вработените.

„Овој документ е производ не само од законските обврски, туку и од стратешките реформски определби за бескомпромисно спроведување на законите и владеење на правото, како примарно начело на институционалното функционирање.

Што е уште позначајно, овој интерен антикорупциски документ содржи сет мерки кои ги превенираат и елиминираат можностите за појава и развој на различни форми на коруптивно и друго непрофесионално однесување во Министерството за внатрешни работи, кои се изградени врз основа на анализи и проценки на подложноста на одредени работни места на појава и развој на коруптивни дејствија и други форми на непрофесионално однесување на вработените” истакна министерот Спасовски, оценувајќи го Планот како дел од мозаикот што ја заокружува институционалната антикорупциска рамка.

Министерот Спасовски нагласи дека Министерството одлучно продолжува со напорите за зголемување на проактивноста и меѓуинституционалната соработка, со цел да се гарантираат квалитетни, непристрасни и транспарентни услуги за заедницата, за граѓаните, како и континуирано промовирање на професионалната работна култура во институциите.

„Тоа практично значи дека од полицијата со висок интегритет се очекува да го усогласи начинот на однесување на полициските службеници со демократските вредности, и напоредно со тоа - при преземањето на мерките од овластувањата - да се раководи од владеење на правото и доследното почитување на човековите права и слободи. А високиот полициски интегритет е токму оној неопходен фундамент за ефективна борба против криминалот и нулта толеранција на корупцијата”, рече министерот Спасовски, со уверување дека овој План за интегритет, изработен благодарение на огромниот придонес на Женевскиот центар за демократска контрола на вооружените сили – DCAF, ќе претставува гарант за ефикасно и квалитетно работење на Министерството, а со тоа уште подинамично ќе нѐ приближи до посакуваните институционални цели – полицијата како сервис на граѓаните, бескомпромисен чувар на владеењето на правото.

Од страна на Ирена Џајковска, програмскиот менаџер на ДЦАФ Програмата за реформи во разузнавачкиот и безбедносниот сектор во Северна Македонија беше истакнато дека изработката на планот беше направена со заеднички пристап помеѓу Одделот за внатрешна контрола и ДЦАФ, со широки и редовни консултации со сите организациски единици при МВР.

„Развивање и спроведување на планови за интегритет во контекст на процесот на пристапување во ЕУ се од витално значење за земјите кандидати, за да ја покажат својата посветеност во борбата против корупцијата, да ги поддржуваат демократските вредности, да го зајакнат владеењето на правото, а преку тоа и да го поттикнуваат економскиот развој. Овие планови играат клучна улога во градењето на јавната доверба, обезбедувањето регионална стабилност и усогласување со стандардите на ЕУ, што на крајот го отвора патот за успешна интеграција во ЕУ”, истакна Џајковска.

Деканот на Факултетот за безбедност – Скопје, проф. д-р Никола Дујовски го поздрави промовирањето на Планот за интегритет на МВР за периодот 2023-2025, како прв јавен документ кој се однесува на организираниот систем за развој на интегритетот во Министерството и во Полицијата, а се става на увид на јавноста.

„Темата за полицискиот интегритет е значајна за развојот на македонската полиција, која имплементирајќи ги овие современи демократски методи на работење, ќе се постави како столб на нашиот безбедносен систем и гарант на мирот, стабилноста, демократија, но и на владеењето на правото во општеството. Интегритетот е водечки принцип во полициското работење во државите со низок степен на корупција и висока лична свест кај вработените. За жал, Северна Македонија се уште не спаѓа во редот на државите кои се одликуваат со такви атрибути, и токму затоа обврската на МВР како институција која прва се зафаќа со сериозното прашање на институционалниот интегритет е уште поголема, за да биде пример за сите останати институции кои во наредниот период ќе поминуваат низ фазите на развој низ кои сега поминува МВР”, истакна Дујовски.