Николовски од Свети Николе: Дополнителна поддршка за производителите на јачмен од 12.000 денари по хектар, без скалесто субвенционирање, за остварено производство на јачмен

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски денеска од Свети Николе пред земјоделците производители на житни култури ја најави новата дополнителна мерка за остварено производство на јачмен.

Новата дополнителна субвенција за производителите на јачмен доаѓа како предлог и заедничка иницијатива на министерството и на подсекторската група за жито, при редовните состаноци во министерството.

„12.000 денари по хектар, без скалесто субвенционирање, добиваат производителите на јачмен, кои своето производство го имаат продадено во домашни преработувачки капацитети, домашни фарми, или пак го искористиле во сопствените фарми. Притоа остварувајќи минимален принос од 3.000 кг/ха. Оваа мерка ќе важи до 31 август 2023 година. Токму ова беше нашата цел со Националниот план за производство на храна, што го донесовме минатата година. Поголема поддршка на земјоделците за да имаат квалитетно производство, поголем принос, насочувајќи го домашното производство кон домашните преработувачки капацитети. Оваа мерка е само континуитет на оваа наша цел“ изјави министерот Николовски.

Националниот план за производство на храна го стабилизира домашното производство на храна, дава јасна насока на земјоделците кои култури се значајни за државата, преку конкретни мерки ги мотивира земјоделците да произведуваат значајни култури и да го зголемат приносот и го насочува домашното производство во домашните преработувачки капацитети.

„Ние како министерство нашата задача ја завршивме, обезбедивме поддршка и мотив за секој од вас, да вложи и го зголеми приносот. Сега на ред се откупувачите да го откупат, а земјоделците да го предадат или искористат за сопствени потреби, домашниот јачмен. Имаме доволно домашни количини јачмен, и за производство, и за извоз, нови узвезени количини не ни се потребни“ изјави министерот Николовски.

Министерот Николовски истакна дека повторно ќе имаме успешна година, со највисока откупна цена во регионот. Тоа можеме да го постигнеме само ако соработуваме, го почитуваме и му дадеме предност на домашното производство. Бидејќи така е чесно и фер кон сите граѓани, од чии буџет се реализира секоја поддршка во земјоделството.

Како министерство креираме мерки за поддршка на секој еден земјоделец, што даваат резултати.  Како резултат на донесениот Национален план за производство на храна, само преку мерката за поддршка при набавка на вештачко ѓубриво кај житните култури, како и мерката за дополнителна поддршка од 5.760 денари за остварен принос, бележиме зголемување на површините под житни култури.