Попоски: Атина да го надмине инаетот и да ја деблокира Македонија

Не се очекува Грција по изборите да добие влада која би била способна и во позиција да презема посодржајни решенија во врска со спорот за името со оглед дека ќе биде преокупирана со враќање на долгот, оцениле амбасадорите на земјите членки на ЕУ и на НАТО на денешната работна средба со шефот на македонската дипломатија Никола Попоски во Берово.

Поради тоа, како што изјави министерот Попоски по средбата, неопходно е да се надмине грчката блокада за старт на преговорите за пристапување на Македонија во ЕУ, која и од членките на Унијата се смета за нелогична.

- Во такви услови се наметнува потребата процесот на преговори со ЕУ да добие на динамика. Имаме пристапен дијалог на високо ниво, но мислам дека почнувањето на преговорите ќе биде сериозен исчекор и сигнал  по долго време на блокади, на покажување конструктивност од страна на Грција, посочи Попоски.

Блокирањето на почетокот на преговорите со ЕУ, според него, не претставува ништо од аспект на гаранција. - Грција може да не блокира во секоја фаза од интеграциите. Но, со тоа би се овозможило ние да испорачаме резултати во сите сегменти кои се значајни за интеграцијата во ЕУ. Ќе ни помогне да ги покачиме стандардите во нашата земја и нивото на хармонизација со регулативата во ЕУ. Единствено што треба да се надмине во определена мерка е инаетот кој е наметнат дека еднаш сме биле блокирани за да не почнеме преговори и сега континуирано сме блокирани. За да се надмине тој инает треба и Атина да реши да се однесува поодговорно, изјави министерот Попоски, одговорајќи на новинарско прашање дали е можно паралелно одвивање на двата процеса - пристапните преговори со ЕУ и решевање на прашањето за името.

Очигледно е, вели министерот за надворешни работи, дека и голем број земји членки на ЕУ дејствуваат во тој правец.

На денешната средба со амбасадорите од НАТО и ЕУ станало збор за неодамнешниот Самит на НАТО во Чикаго,  за очекувањата на Македонија да ја добие долгоочекуваната заслужена и правно потврдена покана за членство во Алијансата, како и за одржување на динамиката на процесот на евроинтеграции. Од амбасадорите било истакнато дека Македонија има поддршка во тој процес, како и согледувањето дека станува збор за исклучително компликуван процес со оглед на нивната констатација дека ситуацијата во Република Грција не е охрабрувачка.

- Република Македонија нема ниту економски ниту политички интерес во ова исклучително негативно сценарио кое се одвива во Грција од аспект на должничката криза. Голем дел од вниманието е посветено на претстојните избори. Ние не сакаме тоа воопшто да влијае во нашите преговори. Тоа што очекуваме е која било влада во Грција да покаже поголемо ниво на свест и посветеност на целите на ЕУ и на Алијансата, рече Попоски.

Досегашното однесување на Грција, според него, потврдува дека Атина не е особено загрижена од повисоко ниво на несигурност и непредвидливост во регионот.

-Ние сакаме тоа да се промени односно да се врати сигурноста и предвидливоста во односите, посочи Попоски и укажа на придонесот на Македонија во мисиите во НАТО и исполнување на задачите за членство во ЕУ.