Тодоров бара да се реновираат шалтерите во јавните здравствени установи

Министерот за здравство Никола Тодоров денеска достави укажување до сите директори на јавните здравствени установи за реновирање на шалтерите, односно нивно поставување во служба на пациентите, со цел подобра комуникација на пациентите со здравствените работници.

Новите шалтери треба да бидат модерни и не треба да го нарушуваат дигнитетот на пациентите, соопшти Министерството за здравство.

Со нив треба да се подобри непосредниот контакт меѓу службениците и пациентите, како и да се овозможи достоинствено закажување на потребниот преглед, односно зачувување на достоинството на граѓаните при користење на услугите. Покрај подобрување на непосредниот контакт, се очекува со новите шалтери да се подигне и квалитетот на услугата добиена во ЈЗУ, како и поголема транспарентност во работата.

Ова укажување следува по вчерашната посета на министерот Тодоров во ГОБ ,,8 Септември’’, каде што непосредно се информираше за работата на шалтерските служби, начинот на закажување на прегледи, како и за проблемите со кои се соочуваат пациентите. Токму една од забелешките беше дека со постојните шалтери, пациентот кога бара да закаже преглед или друга услуга мора со службеникот да разговара во недостоинствена наведната положба на телото, се вели во соопштението од Министерството за здравство.

Рокот за реновирање и прилагодување на шалтерите на ЈЗУ е 45 дена. Директорите се должни да дадат извештај за извршените активности по укажувањето на министерот Тодоров на 26 јуни годинава.