Ваучерите за компјутери од владиниот пакет мерки бенефит за студентите и за ИТ компаниите

Подобрување на образованието на студентите и директна помош за ИТ компаниите, претставува проектот со кој апсолветните од социјално загрозените семејства ќе добијат ваучери за набавка на компјутери во вредност од 15.500 денари, како дел од најновиот пакет владини економско-социјални мерки.

Таква оценка денеска изнесоа дел од студентиите кои ќе бидат корисници  на проектот,  со чии детали се запознаа на средба со министрите за информатичко општество и администрација и за образование и наука Иво Ивановски и Панче Кралев.  

- Ја поддржуваме одлуката за доделување  ваучер на сите студенти кои немаат доволно средства за купување компјутери или лап топ. Сметам дека тоа ќе им помогне во нивното образование и во напредокот во кариерата, изјави по средбата Симона Лазаревска, апсолвент од Економскиот факултет.

Таа појасни дека за да аплицира за ваучер приходите на нејзините родители не треба да бидат со износ поголем од 12.000 денари и оти треба да достави потврда дека е апсолвент.

- Со овој проект се овозможува подобро и поефикасно студирање на студентите, наведе Борче Медарски, апсолвент на Факултетот за земјоделски науки и храна.

Според министерот Ивановски, се проценува оти можност со ваучерите ќе ја искористат околу 3.000 студенти, но и да се надмине таа бројка ќе се обезбедат пари и секој што ќе ги исполни условите ќе добие ваучер.

За  спроведување на проектот, како и претходните два пати кога Владата доделуваше ваучери, МИОА и Министерството за финансии подготвуваат закон за ваучери. Во него детално  ќе бидат  наведени критериумите што треба да ги исполнуваат студентите, компаниите кои ќе можат да се пријават за да се искористат ваучерите во нивните центри, како и критериумите за институциите кои ќе ги доделуваат ваучерите. По стапувањето во сила на законот МИОА или МФ ќе ги набават ваучерите и ќе ги предадат на Министерството за образование кое пак ќе ги проследи до студентите.

Во тек, информира, подготовка и на софтверската апликација на која ќе аплицираат  универзитетите со корисничко име и лозинка за да може  да ги внесат податоците на студентите.

Министерот Кралев, појаснувајќи ја постапката наведе дека секој што ќе ги исполни условите ќе може да аплицира  за ваучер на факултетите. Понатаму успешните апликации  ќе бидат проследени до Министерството за образование кое ќе ги распредели добиените ваучери од  МИОА. Со добиените ваучери студентите ќе можат во некое од продажните места на ИТ компаниите кои ќе бидат дел од проектот да ја набават компјутерската опрема.

- На тој начин се надеваме дека не само што им се помага на студентите туку  директно се помага и на компаниите кои се дел од ИТ секторот, односно  ова е мерка која делува стимулативно и на образованиетро и на компаниите од ИТ секторот, оцени Кралев.

Владата досега има доделено ваучери за набавка на компјутери два пати.  Ваучери за таа цел досега добија 12.000 студенти при првата распределба и 10.500 при втората распределба.  

- Оваа мерка од програмата се покажа како најуспешна и е поздравена од приватниот сектор затоа што се помага на студентите  за натамошен  развој во животот, но директно и на претпријатијата, истакна министерот за информатичко општество и образование.