Македонија со значителен напредок во фискалната децентрализација

Македонија има постигнато значителен напредок во фискалната децентрализација. Доказ за тоа е порастот на учеството на локалните даноци во БДП од еден отсто во 2006 година на 1,5 отсто во 2011 година. Од сите општини во Македонија само Пласница не е влезена во втората фаза на фискалната децентрализација, но наскоро се очекува и таа да ги исполни сите услови. Во однос на нивото на децентрализацијата може да се спореди со другите земји од ЕУ, односно го има достигнато меѓународниот стандард на децентрализација со што влегува во групата земји кои се децентрализирани.

Ова го истакнаа учесниците на конференцијата „Социјални услуги за поддршка на социјалниот развој и кохезија“, организирана од Министерството за финансии и УНДП.

- Приходите на општините во споредба со 2005 година кога почна процесот на фискална децентрализација пораснаа за четири пати. Во 2005 беа 5,6 милијарди денари, а во 2011 годна тие изнесуваа 26,7 милијарди денари. Даночните приходи врз кои општината има автономија на наплатата во овој период се зголемија за два пати, истакна вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, обраќајќи се на отворањето на Конференцијата.

Тој додаде дека во изминатиот период се донесени повеќе мерки во насока на зголемување на сопствените приходи на оопштините. - Зголемен е процентот на приходите од данокот на додадена вредност од 3 проценти во 2009 година на 3,4  отство во 2010, 3,7 отсто во 2011, 4 отсто во 2012 и 4,5 отство во 2013 година. Распределбата на приходите од продажба на градежно земјиште е во сооднос 20:80 проценти во корист на општините, за разлика од распределбата во 2008 година кога општините добиваа 40 проценти. Распределбата пак на приходите од концесии од минерални суровини е во сооднос 22:78 проценти во корист на општините додека во 2007 година општините добиваа 40 проценти, посочи Ставрески и додаде дека од 2013 година предвидени се и нови приходи за општините од концесиите на водните ресурси за производство на електрична енергија кои ќе се распределуваат во соодност 50:50.

Како важен аспект за финансирање на инвестициските проекти на општините, министерот ја наведе и можноста за пристап на пазарот на капитал преку издавање општински обврзници.

Во проектот, како што посочи, презентирани се повеќе модели за пресметка на расходните потреби при што прва цел е успешно спроведување на рефомите во фискалната децентрализација со зајакнување на локалната приходна самостојност, која е од суштинска важност за извршување на функциите на општината. - Таа може да се зголеми со модернизирање на даночната политика и администрација во однос на даноците на имот и комуналните такси, имајќи предвид дека овие приходи треба да станат многу поважен извор на општински приходи, истакна Сраврески.

Тој додаде дека пред Владата и локалните власти се уште остануваат доста предизвици. Според него, мора да се продолжи со напорите да се изврши комплетна евиденција на недвижниот имот на подрачјето на секоја општина, да се изврши ревидирање на имотот со што ќе се подигне наплатата на стабилните сопствени приходи. Можноста за утврдување на стапките на оданочување од страна на општините во законски утврдените рамки досега ги искористи само Ѓорче Петров. Ова, вели министерот за финансии, е простор во кој општините може да дејствуваат. Влијанието врз локалниот економски развој зависи од способноста на општините за донесување на планските документи со што ќе се подобри и управувањето со градежното земјиште, што може да биде сигурен извор на приходи во иднина. Тоа треба да биде еден од приоритетите во наредниот период. Не е доволно искористена можноста за подобрување на локалните услуги преку формата на јавно приватно партнерство, истакна Ставрески.

Градоначалникот на Град Скопје и претседател на ЗЕЛС Коце Трајановски рече дека сите општини располагаат со соодветни капацитети за да им обезбедуваат сервиси на граѓаните, но додаде дека нерамномерниот развој на општините во одредени региони што се прават се уште не можат да се надминат.

- Општините имаат исти надлежности независно од степенот на нивната големина и нивниот капацитет. Сите тие треба на своите граѓани да им понудат подеднакво квалитетни услуги. Подолго време бараме измена на фискалниот капацитет за спроведување на децентрализираните надлежности по што соодветно би се направила и распределбата на средствата со цел елиминирање на диспаритетите на општините на целата територија, истакна Трајановски. 

Тој додаде дека ЗЕЛС и натаму ќе се залага за зголемување на процентот што општините го добиваат од ДДВ на 6 проценти, зголемување на блок дотациите, навремено и целосно префрлување на средствата од централната на локалната власта, помош и решавање на проблемот на блокираните општините, пофлексибилни услови за кредитирање од банките,...

Хорхе Мартинез Васкез, директор на Меѓународниот центар за јавни политики од Универзитетот Џорџија посочи дека Македонија има направено импресивен напредок со децентрализацијата, но не со исто темпо во сите димензии и дека добро време е да се евалуира целосната слика и да се преземат реформски чекори за воедначувањето и перформансите.