Конференција на ЦИСКО: Бизнисот и Владата да ги користат придобивките од иновациите за поголем развој

Бизнисите, Владата, образовните и институциите навреме да се прилагодат на секојдневните промени на технологијата. Само со иновации и со заедничко користење на придобивките од нив за нови бизниси ќе се обезбеди економски развој.

Тоа се дел од пораките упатени на отворањето на деловно-технолошката конференција CiskoExpo 2012, што се одржува од  денеска во Скопје, под мотото „Заедно до иновации“. 

Дводневната конференција е проследена со претставување иновативни концепти на кои работи Cisko Systems а кои влијаат врз подобрување на работните процеси.

- Технологијата се повеќе напредува. Пред мрежите  се поставуваат се повеќе барања и тие треба да се многу сигурни, доверливи. Cisko е мрежа, не можеме сами, но заедно со нашите партнери можеме да  постигнеме многу,  изјави Харис Пињо, генерален директор на ЦИСКО Македонија, БиХ, Албанија и Косово.

Според него, пазарот бара примена на нови технологии во работењето, за што е потребно првенствено инвестирање во знаењето.  Во Македонија ја насочуваме инвестицијата на ЦИСКО таа да стане  фабрика за мозоци. Ние имаме четири мрежни академии, многу инвестираме во знаењето и тоа е највисоката вредност која може да се добие  во земјата, рече Пињо.

На  глобалниот иновациски индекс (ГИИ) Македонија се наоѓа  на 67. место од 125 земји во светот, рангирана  според повеќе индикатори. Според индикаторот бизнис околина сме рангирани на прво место во светот, а  најголеми слабости имаме кај еколошката свест, користењето на информатичките технологии во приватниот сектор, како и  на придобивките од ИКТ за развивање нови бизниси.

Според министерот за  информатичко општетсво и администрација Иво Ивановски, во ГИИ се мери и придонесот на приватниот сектор, на невладиниот сектор, академијата, државните институции. Затоа е потребно заеднички да се работи бидејќи само така можеме да креираме економија базирана на знаења и иновации, рече Ивановски.

Во поглед на подготвеноста на ИКТ мрежата Македонија се наоѓа на 55. место, но е подобро пласирана од повеќето  соседи и од некои членки на ЕУ.

- Најслаби резултати има кај параметрите еколошка свест, користењето на информатичките технологии во приватниот сектор, користењето на придобивките од ИКТ за развивање нови бизнис е  исто така една од слабостите. Но, сите тие се мерки за кои што можеме да направиме програма и стратегија и да ги подобриме за да бидеме подобро рангирани. Споредено со земјите од регионот се наоѓаме пред поголем број од нив, а заостанувам само зад Словенија и Хрватска, изјави Ивановски.

Владата, потсети, формираше Комитет за претприемништво и иновации, веќе е подготвена нацрт стратегија и е ангажиран меѓународен  консултант кој треба да помогне да бидат идентификувани сите  предуслови за развој на економија базирана на иновации.