Новиот пакет владини мерки позитивен, оценуваат од Стопанската комора на северозападна Македонија

Новиот пакет мерки што ги најави Владата се позитивни, но средствата што се планирани за компаниите се мал дел во однос на она што му е потребно на стопанството, оценуваат од Стопанската комора на северозападна Македонија.

Оттаму посочуваат дека неликвидноста е најголемиот проблем со кој се соочува бизнис заедницата во услови на светска економска криза.

- Овој пакет мерки ја има и социјалната компонента, но сметаме дека треба да внимаваме со новите вработувања, односно тие да не бидат политички, туку реални, изјави претседателот на комората, Мендерес Кучи по денешната средба со министерот за економија Ваљон Сарачини на која беше презентиран новиот пакет мерки.

Министерот Сарачини очекува дека со новите 111 милиони евра наменети за стопанството и земјоделството ќе се отворат околу 2.500 нови работни места.

- Со втората транша од 50 милиони евра што беше експресно e искористена од страна на компаниите беа отворени околу 1.300 нови работни места така што очекувам дека со новите средства за компаниите ќе се отворат околу 2.500 нови работни места, истакна Сарачини.

Од страна на Стопанската комора на северозападна Македонија изразена е загриженост доколку Грција излезе од еврозоната и се воведе драхмата. Тоа, сметаат, би можело да го поскапи македонскиот извоз во Грција која е меѓу петте најголеми трговски партнери на Македонија. 

На средбата е разгледана и можноста за отворање нконтакт канцеларија во рамки на Министерството за економија во која стопанските комори директно би се информирале за сите мерки на Владата.