Министерот Димовски во посета на Гевгелија и Негорци

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски денеска ги посети производно дистрибутивниот центар со индустриски ладилник  „Алтра“ во Гевгелија и Фабрикрата за преработка на зеленчук и овошје „Дием“ во Негорци.

По обиколката на производните капацитети на „Алтра“ и „Дием“ и запознавањето со производниот процес и тековните активности, како и со проблемите во работењето, министерот Димовски оствари заеднички состанок со сопственикот на „Алтра“ Трајко Алчинов и со сопственикот на „Дием“ Петар Атанасов.

Димовски на средбата ги образложи новите мерки на Владата за развој на земјоделството и поттикнување на земјоделското производство во Македонија. Тој нагласи дека четири од 12 мерки  што ги промовираше Владата се однесуваат на овој сектор  и се насочени кон помагање на социјалците со доделување помали земјоделски површини за обработка кон легализација на земјоделската механизација и земјоделските објекти за преработка заради зголемување на ефикасноста во работењето, како и на докапитализација на Македонската деловна банка за развој  со 10,7 милиони евра.

Како дополнителна помош во земјоделието парите ќе бидат наменети за набавка на механизација и репроматеријали,  како и за подигање на ликвидноста на фирмите со доделување заеми до 500 илјади евра со камата од 3 проценти.

Министерот Димовски потенцира дека Владата интензивно работи на сите полиња за развој на земјоделството и оти до крајот на годината ќе се бараат нови извори на средства за субвенции.

- Кога државите ќе западнат во кризи земјоделието е локомотивата што влече. Имав можност да ги посетам објектите кои се многу важни за делот на мерките што ги донесе Владата пред неколку дена. Овој сектор е исклучително важен за нас и токму затоа и понатаму ќе го стимулираме. Земјоделскиот извоз во 2006 година изнесуваше 250 милиони, а во 2011, 500 милиони евра. Толку многу пари никогаш порано не влегле во Македонија, изјави министерот за земјоделство Љупчо Димовски по завршувањето на посетата во Гевгелија и Негорци.