Инвестициските можности во Македонија претставени пред финските бизнисмени

  Владиниот економски тим предводен од премиерот Никола Груевски, во чиј состав се и вицепремиерот задолжен за економски прашања, Владимир Пешевски, министерот за привлекување странски инвестиции, Веле Самак, како и заменик директорот на Агенцијата за странски инвестиции и поттикнување на извозот, Христијан Делев денеска(среда, 6 јуни 2012 година) во Хелсинки присуствуваше на бизнис форум на кој беа претставени економските и инвестициските потенцијали на Република Македонија пред претставници на четириесетина фински компании.

Бизнис форумот беше во организација на Финската асоцијација за надворешна трговија ФИНПРО и на почетокот во нејзино име се обрати Мати Расимус, а поздравно обраќање имаше и државниот секретар во финското Министерство за економија, Јоуни Хакала кој истакна дека одржувањето на денешниот форум е одлична можност за финските компании да се запознаат со инвестициските можности на Република Македонија. Тој истакна дека без оглед на моменталните состојби со кризата во еврозоната, компаниите постојано треба да работат на својот долгорочен раст и постојано да бараат можности за нови инвестиции. 

Премиерот Груевски на почетокот го истакна своето задоволство од одржувањето на бизнис форумот со претставниците на финската индустрија и трговија, токму во Хелсинки, престолнината на четвртата најконкурентна економија во светот и главниот град на Светскиот дизајн за 2012 година.

- Република Финска е меѓу најбрзорастечките економии во групата на ОЕЦД, со силно развиен услужен сектор кој создава речиси 70% од бруто домашниот производ и со релативно рамномерна распределба на доходот. Вашата земја е исто така еден од ретките примери на спектакуларен развој на економијата базирана на знаења, примери на успешна трансформација на инвестициите во истражување и развој во силни, извозно-ориентирани високо-технолошки сектори. Тоа се импресивни резултати за кои граѓаните на Република Финска заслужуваат голема почит, истакна премиерот.

Тој посочи дека дел од успехот на финскиот економски модел се должи и на трговската либерализација и симнувањето на ограничувањата на тековите на меѓународниот капитал, што претставува и дел од стратегијата која подолг период ја спроведува и Република Македонија. - Преку потпишување на договори за слободна трговија со Европската унија, земјите-членки на ЕФТА, ЦЕФТА, билатерални договори со Турција и Украина, успеавме да го надминеме проблемот на малиот пазар и сега оние кои инвестираат во Република Македонија практично имаат пристап до пазар со над 660 милиони потрошувачи, подвлече премиерот Груевски.

Премиерот Груевски во своето обраќање се осврна на реформите во деловната клима кои што придонесоа Република Македонија да го привлече вниманието на светската инвеститорска заедница со нејзиното вбројување меѓу првите три позиции на најреформски ориентирани земји, според угледниот „Doing Business“ извештај на Светската банка за 2012 година.

-И покрај анемичниот економски растеж на европскиот континент и генералниот пад на странските инвестиции, во последниве две години им посакавме добредојде на инвестициите на американските корпорации „Џонсон Контролс“ и „Кемет електроникс“, на британската „Џонсон Мети“, германските компании „Кромберт и Шуберт“ и „Дрекселмејер“, руската “Протек”, како и повеќе други, истакна македонскиот премиер.

Тој посочи дека овие успеси не се случајни, туку плод на длабоките и суштински реформи кои ги спроведе Владата на Република Македонија во изминатите шест години.- Македонската економија во континуитет се одликува со нагласена макроекономска стабилност и просечна стапка на инфлација од 2,1% во изминатите петнаесет години. Владата на Република Македонија веќе подолг период води среднорочна политика на низок буџетски дефицит од 2,5% од бруто домашниот производ, што резултираше во низок владин долг од 26%, а Република Македонија помина без поголеми последици од светската економска криза и беше меѓу првите земји кои минатата година ги вратија позитивните стапки на економски растеж забележувајќи реален пораст на БДП од 3%, истакна премиерот Груевски.

Во својот говор премиерот се осврна и на останатите предности кои што ги нуди Република Македонија, како што се атрактивниот даночен пакет, намалениот административен и регулаторен товар за водење бизнис, едношалтерски систем во царината и даночната администрација, а воедно беа елаборирани и поволностите кои што се нудат за странски инвеститори кои ќе инвестираат во технолошко- индустриските  развојни зони.

Премиерот Груевски истакна дека врвен приоритет на Република Македонија, на политички и на економски план, е визијата за заедничка сегашност и иднина во големото евроатланско семејство, што ќе се постигне преку довршување на процесот на зачленување во НАТО и ЕУ, цели за кои постои широк национален консензус во Република Македонија.

-Почитуваниот фински политичар, Хари Холкери, своевремено говореше дека: „дискусијата е само алатка. Мора да настојуваме да оствариме некоја цел, а финалната цел е одлуката“. Ве поканувам да ја посетите мојата земја и да се уверите во нејзините потенцијали. Владата на Република Македонија е подготвена да Ви обезбеди максимална поддршка и да ја олесни Вашата соработка со македонските компании, истакна на крајот од своето обраќање премиерот Груевски.

Презентација на форумот имаше и вицепремиерот Пешевски кој детално ги запозна финските инвеститори со владините економски политики и со повеќе можности што ги нуди македонската економија, а пред присутните свои обраќања имаа и министерот за привлекување странски инвестиции Веле Самак, како и заменик директорот на Агенцијата за странски инвестиции и поттикнување на извозот, Христијан Делев.

Претходно премиерот Груевски во Хелсинки имаше средба со претседателот на Република Финска, Саули Ниинисто, потоа средба со претседателот на Комисијата за надворешни работи во финскиот Парламент Тимо Соини, а претходниот ден присуствуваше на вечера што во чест на македонската делегација ја приреди амбасадорот на Канада во Република Финска, Кристофер Шапраданов, кој по потекло е Македонец и на која присуствуваа претставници на неколку големи фински компании.

Вечерва владиниот тим заминува за Копенхаген, Данска.