Министерот Адеми учествуваше на јавна расправа за развојот на НП „Маврово“

Развојните активности во Националниот парк Маврово се предмет на интерес на повеќе заинтересирни страни и датираат од пред три децении. Нив ги има во повеќе развојни документи. Затоа е важно да се организираат јавни дебати на кои ќе бидат искажани различни мислења и ставови, рече министерот за животна средина и просторно планирање, Абдулаќим Адеми денеска на отворањето на јавната расправа  за активностите кои имаат влијание врз развојот на НП „Маврово“.

На расправата за влијанието на проектите кои ќе се реализираат на овој простор, а посебно за проектите „Бошков Мост„ и „Луково Поле„ учествуваа педесетина учесници, претставници на јавни институции, невладини организации, локални самоуправи и експерти.

Министерот Адеми ја потенцираше важноста од спроведувањето на законските обврски и како што рече од дебатата очекува да се донесат заеднички заклучоци за понатамошните чекори.

- Процесите кои се одвиваат помеѓу човекот и животната средина се исклучително чувствителни. Отвореноста на пазарите расте, а предизвиците на животната средина и свеста за неа го става акцентот на поврзаноста меѓу двете легитимни барања-непречено функционирање на економскиот сектор и степенот на заштитата на животнета средина, рече Адеми.

Во дискусиите беа изнесени спротивставени ставови. Дел од еколошките организации ги повторија ставовите дека инвестициите на АД ЕЛЕМ ќе го нарушат амбиентот на НП „Маврово“ и ќе бидат загрозени неколку ендемични видови. Дел од експертите кои работеле на последната студија за валоризација ги повторија ставовите дека изградбата на ХЕЦ „Бошков Мост„ и акумулацијата „Луково Поле„ нема да има забележително влијание врз биодиверзитетот. Министерството за животна средина и просторно планирање ќе ги објави заклучоците од оваа расправа со што ќе обезбеди поголема транспарентност на целиот процес.

Министерот Адми имаше средба и со директорите на трите национални парка „Маврово“, Пелистер и Галичица, на која стана збор за развојните планови и проекти преку кои ќе се обезбеди економски развој на подрачјата,  но со максимална заштита на животната средина.