Бесплатен одмор за 3000 деца од социјално загрозени семејства со новите владини мерки

Околу 3.000 деца од петто до осмо одделение од семејства во социјален ризик (корисници на социјална парична помош или постојана парична помош) и деца корисници на посебен додаток ќе имаат можност да одат на летен или зимски одмор, како дел од последниот пакет економско-социјални мерки што Владата го предвиде, односно проектот Користење на услуга за одмор и рекреација на деца од семејства во социјален ризик и деца корисници на посебен додаток.

Ова на денешната прес-конференција го соопшти министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски, кој појасни дека 2.000 деца ќе ја користат услугата во летниот период, а 1.000 деца за време на зимскиот распуст во 2013 година.

- Услугата опфаќа седумдневен одмор, шест ноќевања со три оброка дневно и превоз во двата правци. Децата ќе се рекреираат во туристичките објекти во Република Македонија и во детските одморалишта. За овој проект во буџетот на Министерството за труд и социјална политика за 2012 година се обезбедени 15 милиони денари, рече Ристовски.

Тој истакна дека целта на проектот е социјално интегрирање за време на летниот и зимскиот распуст на децата од семејствата во социјален ризик и децата корисници на посебен додаток.

Првата тура деца кои ќе ја користат услугата во летниот период ќе замине на одмор на почетокот на јули. Децата кои ќе бидат избрани да одат на летен одмор, нема да имаат право да ја користат услугата во зимскиот период.

Ристовски најави дека МТСП во првата половина на јуни ќе објави повик во медиумите, на веб-страната на Министерството и во Центрите за социјална работа. Заинтересираните лица треба да поднесат барање до надлежниот Центар за социјална работа според местото на живеење на корисникот.

Изборот на децата кои ќе ја користат услугата ќе ја врши Комисија за разгледување и рангирање на корисниците на услугата, согласно критериумите кои ќе бидат дефинирани во програмите на Владата, преку која ќе се реализира овој проект. При изборот на децата што ќе ја користат услугата, предвиде ќе биде земено времетраењето на користење на социјална парична помош во нивното семејство, постојана парична помош или посебен додаток, како и податокот дали станува збор за деца од едно родителско семејство и дали во нивното семејство има дете со посебни потреби.

- Во насока на транспарентно работење и редовно информирање на заинтересираните кои поднеле барање за користење на услугата, Центрите за социјална работа ќе ги објават списоците на избраните корисници, а МТСП ќе ги објави списоците на својата веб-страна, рече Ристовски.

Одговарајќи на новинарско прашање, Ристовски рече дека одморалиштата во државава се во добра состојба. Во одморалиштата кои се на езеро, за децата ќе има обезбедно спасувачки екипи и медицински тим.

Тој појасни доколку има голем интерес за овој проект, Владата ќе размислува за зголемување на бројот на децата кои ќе бидат опфатени.