Извршена обука за општинските комунални редари и инспектори

Министерството за транспорт и врски во соработка со Заедницата на единиците на локална самоуправа, Министерството за внатрешни работи и Државниот комунален инспекторат изминатиов период изврши обука на вработените комунални редари и комунални инспектори во општините на Република Македонија.

Од Министерството за транспорт и врски информираат дека на обуките акцент бил ставен на имплементацијата на одредбите од Законот за јавна чистота и правилна примена на одредбите од Законот за прекршоци.

На обуките учествувале 162 слушатели, од кои 87 комунални редари и 75 комунални инспектори на општините, општините во градот Скопје и градот Скопје.

Општинските комунални редари и инспекторите на обуките имале можност да стекнат знаење во делот на имплементација на Законот за јавна чистота и решавање на сите прашања при спроведувањето, водење на постапката пред прекршочен орган, видовите постапки кои се водат пред прекршочен орган (мандатна постапка), постапка при легитимирање лице и констатирање прекршок со правилно пополнување обрасци, како и појаснување на одредбите од Законот за јавна чистота поврзани со сообраќајот.

Со извршената обука, како што посочуваат од Министерство за транспорт и врски, се очекува во иднина да бидат надминати прашањата со кои се соочуваа комуналните редари и општинските инспектори во текот на секојдневната  имплементација на одредбите од Законот за јавна чистота.