Формалната работна група за подготовка на предлог на Закон за конфискација на имот во граѓанска постапка денеска го одржа првиот состанок, на кој беше усогласена интензивна динамика на работа во наредниот месец. Целта е до средината на септември да се подготви решение, кое ќе се достави на мислење до Европската Унија и Венецијанската комисија. Во таа насока, заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, која претседава со оваа работна група, нагласи дека е важно за државата овој закон да се донесе во најбрз можен рок, затоа што тој ќе претставува додадена вредност во алатките за борба против корупцијата.
Вицепремиерката Грковска ги информираше членовите на работната група за нацрт текстот на овој закон, кој изминатава година се подготвуваше во соработка со Советот на Европа. Овој првичен документ е солидна основа за да се изработи закон кој ќе биде функционален, применлив, кој нема да биде контрадикторен со други законски решенија и со кој ќе бидат запазени меѓународните стандарди.
Од физибилити студијата, анализата на состојбите и моделите на конфискација во модерните правни системи, досегашната, неформална експертска група заклучи дека постојното кривично и управно законодавство не може целосно да ги опфати случаите кои се појавуваат во пракса, кога во постапките не може целосно да се одземе имот стекнат од незаконски извори. Оттаму, повеќе меѓународни и домашни документи беа разгледувани како основа за подготовка на ново одржливо законско решение, преку кое ќе се овозможи воспоставување на дополнителен механизам за успешно спречување на неосновано збогатување и конфискација на имот кој не бил стекнат од законски извори.
Презентираниот првичен документ ќе се надогради од оваа работна група, составена од претставници на: Кабинетот на Заменик на претседателот на Владата задолжен за политики на добро владеење, Државната комисија за спречување на корупцијата, Министерството за правда, Министерството за внатрешни работи, Министерството за финансии, Управата за јавни приходи, Управата за финансиска полиција, Управата за финансиско разузнавање, Царинската управа, Агенцијата за управување со одземен имот, Јавното обвинителство на Република Северна Македонија - Канцеларија за поврат на имот, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Основното јавно обвинителство Скопје, Основниот кривичен суд Скопје, Основниот граѓански суд Скопје, Управниот суд, Државното правобранителство, претставник од академската заедница, како и претставници на Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата и Блупринт групата за реформи во правосудството.