Министерот Тодоров во посета на охридската и струшката болница

Министерот за здравство Никола Тодоров денеска ги посети охридската и струшката болница со цел да се информира за текот на градежните работи во болницата во Охрид и проблемите со кои се соочува здравството во Струга.

Реконструкцијата на охридската болница, како што рече Тодоров, чини околу 193 милиони денари, а набавени биле и апаратите во износ од околу 70 милиони денари.

- За инвестиции во здравствената инфраструктура и за опрема во болницата во Охрид одвоени се околу 260 милиони денари. Со ова Охрид ќе може да биде не само регионален центар во Македонија, туку со новиот објект и опрема, како и засилувањето со кадар кое планираме да го направиме треба да ги надмине границите да се отвори кон соседните држави особено кон Албанија, а во еден дел можеби и кон Косово, изјави Тодоров по посетата на болницата.

Оваа болница, додаде, има искусни доктори, ќе има одлична апаратура, и смета дека тие предности како држава и како здравствен систем треба да се искористат не само за подобрување на квалитетот на здравствените услуги за македонските граѓани, туку да се отвори и регионално.

Реконструкцијата на болницата, Тодоров оцени дека оди побрзо од очекуваното и оти треба да заврши кон крајот на годината.

По посетата на охридската, ресорниот министер најави посета и на Заводот за Нефрологија и болницата во Струга.

- Сакам да видам како функционира здравството во овој регион на Македонија и доколку имам одредени забелешки да подискутирам со менаџерите и тие да ги изнесат забелешките и проблемите пред мене и да се обидеме да најдеме заедничко решение, истакна министерот.

Во врска со буџетот во струшката болница, каде трошоците се зголемени заради реконструкцијата во охридската и испраќање на пациентите во Струга, Тодоров нагласи дека ќе работат на тоа во ниту еден момент да не се доведе нормалното функционирање на болницата.

Прашан за депонирањето на медицинскиот отпад, министерот истакна дека се работи за проблем од минатото и оти државата прави станица за одлагање на медицински отпад во депонијата „Дрисла“ во Скопје која ќе има капацитет за одлагање на медицинскиот отпад за цела Македонија.

Директорот на болницата во Охрид, Љубен Арнаудов информира дека ги покриваат сите трошоци околу пацинетите и персоналот префрлен во Струга.

Тој изрази задоволство од динамиката со која се одвивава реконструкцијата на општата болница и очекува да биде завршена во предвидениот рок, дури и порано.

- Морам да напоменам дека инфраструктурата и техничкиот дел внатре, инсталација на телекомуникациски и компјутрерски системи и мрежи поради големото значење ќе се одвива полека, изјави Арнаудов.