Проширување на бизнисите и дополнителни вработувања со новите владини мерки, најавуваат претприемачите

Проширување на бизнисите и отворање дополнителни работни места преку новите мерки што ги најави Владата. Тоа го најавуваат претприемачи корисници и на досегашните мерки преку Агенцијата за вработување, кои денеска на средба со вицепремиерот Зоран Ставрески и министерите за економија и за труд и социјална политика Ваљон Сарачини и Спиро Ристовски разговараа детално за новите мерки.

Со министрите разменија мислење за две од 12-те нови економско-социјални мерки на Владата, а кои се  директно насочени на активности за самовработување и обука за познат работодавач. Со нив, посочи вицепремиерот Ставрески, се очекува да се креираат околу 2.000 работни места, за што се обезбедени 4,5 милиони евра во буџетот на Агенцијата за вработување, а со цел заедничко пребродување на кризата.

Дејан Трифуновски, стоматолог кој има своја приватна ординација веќе пет години и го почнал тој бизнис со помош на претходните мерки од Агенцијата за вработување, вели оти финансиите што се најавуваат со новите мерки се пресудни во вакви економски времиња.

- Нашиот бизнис функционира веќе пет години. За да се започне бизнис  најпрво треба да се има една интелектуална вредност, но без финансии кои се пресудни во медицината за да се партиципа  на еден модерен начин, невозможно е практично да направите одредени  интервенции, изјави Трифуновски.

Тој планира проширување на стоматологијата со други хируршки гранки и веќе прави планови за зголемување на бројот на вработените. - Огромно е задоволството што постојат вакви програми во Агенцијата за вработување кои може да ни бидат  силна поддршка за да одиме напред како млади луѓе.  Во оваа фаза се уште правиме план како тоа би функционирало, но за да работи една  полихирургија треба да има минимум  пет вработени за да се извршуваат сите хируршки интервенции на лице, вилица и врат, посочи Трифуновски.

Вицепремиерот Ставрески истакна дека е добро што за мерките разговарале со претприемачи коишто пред неколку години започнале свој бизнис и оти верува дека и во иднина ќе се јавуваат како корисници на тие финансии со отворање дополнителни работни места. Едниот од двата проекти се однесува на 1.000 вработувања од кои 550 се за вработување во фирми што веќе почнале со работа на база на кредит за самовработувње што го добиле или нови микро или мали претпријатија што ќе ја искористат можноста дополнително да вработат од еден до тројца работници, рече Ставрески.

За таа цел, додаде, ќе добијат по 3.000 евра за секое работно место, односно максимум 9.000 евра по извонредно поволни услови со рок на отплата од три години од кои првата година е грејс период и со само еден процент каматна стапка. Уште 450 работни места ќе бидат обезбедени за нови лица кои ќе почнат бизниси за самовработување, така што само со оваа мерка ќе се обезбедат околу 1.000 нови работни места.

- Нам ни беше важно да чуеме од оние што пред некое време почнале со такви бизниси дали овие мерки се вклопуваат во нивните планови и во она што им е потребно. Од нивна страна беше искажано задоволство што ќе можат дополнително да добијат средства од Владата и да ги прошират своите бизниси, така што мислам дека ова ќе биде една сосема успешна мерка која наиде на поддршка од лицата кои решиле да започнат свој бизнис, изјави Ставрески.

Прашан дали ќе има доволно финансии за поддршка доколку има поголем интерес од планираното вицепремиерот посочи дека Владата секогаш имала и ќе има слух за ваква намена која е директно продуктивна и носи нови вработувања. Агенцијата истовремено наплаќа и од претходно земените кредити  и тие средства на револвинг основа ќе бидат ставени на располагање во функција  на нови работни места и нови кредити за самовработување, рече Ставрески.

Во коментар на ставовите на бизнис заедницата за новите мерки на Владата  истакна дека биле поздравени од сите страни. - Задоволството  од нивна страна беше големо што во вакви тешки времиња кога во други земји  владите кратат на  средствата за сите намени, вклучително и на поддршката за стопанството, Владата на РМ најде сила да обезбеди 111 милиони евра што директно ќе завршат во бизнисот, претпријатијата и стопанството.Тоа е голема поддршка имајќи предвид колкав е капацитетот на македонското стопанство  и колкава е можноста да се обезбедат нови проекти, наведе Ставрески и додаде дека фирмите треба побрзо да сработат добри  проекти, а Владата како што вети да ги стави средствата на располагање на почетокот на јули и заеднички ќе се преброди кризата.

Министерот за економија Сарачини информира дека пред претприемачите Агенцијата за вработување ја промовирала новата Програма за вработување нови 1.000 лица преку обука на познат работодавач.  За оваа мерка ќе може да аплицираат околу 750 невработени  лица и дополнителни 250 лица на возраст до 27 години, на кои обуката ќе им биде прво вработување и ќе се смета како обука за практикантство.

Агенцијата за вработување во јули ќе го објави јавниот повик на кој ќе можат да аплицираат компаниите и вкупно 1.000 луѓе ќе имаат можност преку обука во рок од три месеци,  платена од страна на Агенцијата за вработување да ги покажат своите квалитети, да работат во тие компании, а работодавачот  ќе има обврска согласно договорот да задржи 50 проценти  од тие што ќе го поминат циклусот обука, појасни Сарачини.