Доделен норвешки одбранбен медал за учество во мисијата ИСАФ на лидерот на македонскиот хируршки тим

Норвешки одбранбен медал денеска беше доделен на Медицинскиот хируршки тим од Република Македонија,  составен од шест лица, кој беше дел од силите ИСАФ  во првата половина од 2010 година, заедно со тимовите од Норвешка, од САД и од Летонија, во кампот Мејманах, во состав на норвешкиот тим за реконструкција на провинцијата Фаријаб.

Орденот му беше врачен на лидерот на тимот, пензионираниот полковник др. Златко Пендовски од страна на акредитираното воено аташе на Кралството Норвешка во Република Македонија, Есбен Ас. На останатите припадници на медицинскиот тим им беа врачени плакети за учество во мисијата.

Не постои поголема чест за еден министер од оваа што денеска се приредува благодарение на нашите амбасадори на мирот во Авганистан, потенцира во обраќањето министерот за одбрана Фатмир Бесими, укажувајќи оти од потпишувањето на договорот со Кралството Норвешка и АРМ од 2008 година со досегашните пет ротации покажавме дека располагаме со стручни експерти не само од одбраната, туку и од областа на медицината.

- Нашите мировници имаат висок степен на професионализам и интегритет, а тие се нашиот најголем аргумент за прием во НАТО и за промовирање на Македонија како држава која инвестира во глобалниот мир, рече Бесими изразувајќи благоданост до Норвешка за укажаната доверба и соработката во сите сфери од заеднички интерес. Тој посебно ја истака улогата на Норвешка во модернизацијата и развивањето на АРМ во современа Армија и изрази надеж дека во најскора иднина ќе бидеме како две НАТО армии успешни во креирањето на светскиот мир и слободни нации.

Министерот за одбрана изрази благодарност и до членовите на Медицинскиот тим кои го добија медалот за нивните дејствија од најхуман аспект - да се спасуваат човечки животи.

Според военото аташе на Кралството Норвешка во Република Македонија, Есбен Ас, македонскиот тим извршувал извонредни задачи и хируршки постапки.

- На 2 мај 2010 година 9 од 16 норвешки војници беа повредени во битка. Извонредната хируршка интервенција на медицинскиот тим го спаси животот на тешко повредениот поручник, истакна меѓу другите високи оценки за професионализмот на македонскиот медицински тим военото аташе Ас.

Пензионираниот полковник др. Пендовски информира дека македонскиот медицински тим имал вкупно 65 потешки оперативни зафати и над 100 - тина полесни зафати. Според него, во норвешката база многу брзо стекнале доверба во нивните професионални способности.

- Најголем мотив за нас беше да ја претатавуваме макеоднската нација и народ достоинствено со работа и со труд, а сите задачи кои ни беа поставени ги извршувавме најдобро што можевме. Се истакнувавме и со нашата дружељубивост, но бевме опкружени со Норвежани - професионалци кои ни станаа многу добри приајтели, изјави Пендовски. 

Инаку, во 20 години независност и 10 години придонес кон светскиот мир, Македонија низ досеегашните ротации во меѓународните мисии продефилира со колу 3.000 мировници кои ги достигнаа највисоките стандарди.  Од мисиите во Ирак, македонските мировници добија 120 медали, 1.270 од Авганистан и 144 од придонесот во мисијата Алтеа. За извонредни достигнвуањањ се доделени и почесни медали на 4 македонските мировници за мисијата „Слобода за Ирак“ и на 6 други во ИСАФ.