Ковачевски за Канал 5: САД, ЕУ и ние имаме заеднички интерес, Северна Македонија членка на ЕУ

„Стратешкиот форум во Блед ја разбранува домашната и меѓународната јавност, но пораките кои беа испратени таму и од претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел, како и од премиерите на Хрватска, Пленковиќ и словенечкиот Голоб не се разликуваат од ставот на Владата на Северна Македонија, евроинтеграции и членство во ЕУ до 2030 година“, ова го истакна претседателот на Владата Димитар Ковачевски во вечерашното гостување во „Вести Плус“ на Канал 5 телевизија.

„ЕУ веќе има интерес за проширување, ако во минатото требаше да се најдат држави кои што се за проширување, сега веќе не можат да се најдат држави кои што се против проширување.

Проширувањето стана еден од клучните зборови не само во ЕУ, туку и во НАТО Алијансата, а се во светло на војната која што се води во Украина. Вие знаете дека ние станавме најнова членка на НАТО пред две години, меѓутоа денес НАТО има уште една членка тоа е Финска, и уште една членка која е во процес на ратификација тоа е Шведска. Две најверојатно најбогати држави во Европа кои сакаат да се приклучат во најголемиот воено одбранбен сојуз во светот, со оглед на тоа дека тоа им овозможува да ја бранат својата демократија во таков Сојуз.

И посетата на заменик-помошникот државен секретар на САД, Габриел Ескобар, беше уште една цврста порака дека стратешкиот партнер на Северна Македонија, САД, дава поддршка на уставните промени со цел членство на земјата во ЕУ“, посочи премиерот.

„Она што остана како клучен заклучок во таа средба е дека САД цврсто стојат заедно со ЕУ на ставот дека стратешки интерес и нивни, и на ЕУ, и наш, каде што сите три интереси се поклопуваат е дека Северна Македонија треба да биде дел од ЕУ.

Второ дека САД за свои партнери ги сметаат оние политички партии кои што работат за интеграција на државата во НАТО, и за интеграција на државата во ЕУ, и се борат против корупцијата и криминалот. Господинот Ескобар ниту дојде некому да прави притисок, ниту дојде да презентира некакви планови, тој само дојде да каже дека нашиот прв и најважен политички партнер САД имаат исти интерес со нас, а тоа е Северна Македонија да биде дел до ЕУ, и не поттикна да ги донесеме потребните одлуки“, рече претседателот на Владата во интервјуто.