Столтенберг: Македонија треба да биде полноправна членка на НАТО

Македонија треба да биде полноправна членка на НАТО, а се надевам дека ќе стане полноправна членка и на ЕУ, изјави норвешкиот премиер Јенс Столтенберг по средбата во Осло со макеоднскиот премиер Никола Груевски.

- Jа цениме соработката што ја имаме со Македонија во меѓународни операции како што е Авганистан каде што македонски хирурзи спасија животи на норвешки војници. Го поздравуваме членството на Македонија во НАТО и побрзото решавање на прашањето за името, рече Столтенберг истакнувајќи дека Норвешка сака да ги развива добрите односи со Македонија.

Посочи дека разговарале и за тоа како двете земји да ги развијат и бизнис односите. Смета дека постои голем потенцијал за економска соработка за повеќе инвестиции и повеќе трговија.

Премиерот Груевски оцени дека Македонија и Норвешка имаат одлични политички релации, подвлекувајќи оти Норвешка како членка на НАТО континуирано ги поддржува  напорите на Македонија да се зачлени во Алијансата. Посочи оти Норвешка високо го цени македонското учество во Авганистан што е уште еден аргумент плус за нашите барања што побрзо да се стави крај на овој проблем што ни го прави Грција и земјата да стане членка на НАТО.

- Од тој аспект добивме уверување дека и во иднина Норвешка ќе ја поддржува аспирацијата за членство на Македонија во НАТО, рече премиерот Груевски.