Средба Попоски - Јагланд во Стразбур

Министерот за надворешни работи Никола Попоски денеска во Стразбур имаше работна средба со генералниот секретар на Советот на Европа Торбјорн Јагланд, на која станало збор за повеќе теми меѓу кои и реформите во оваа европска организација. 

Шефот на македонската дипломатија ги поздравил реформите и напорите кои ги прави Советот на Европа за системот на спроведување на пресудите на Европскиот суд за човекови права, односно зголемување на неговата ефикасност, посочувајќи дека Република Македонија има позитивен придонес во овој контекст. На состанокот станало збор и за регионалната димензија и значењето на европските интегративни процеси за мир, стабилност и просперитет во регионот.

- Од наша страна го поздравивме принципиелниот пристап во различните тела на Советот на Европа кои работат на промоција и заштитување на аспектите на иденитет, култура, јазик, работи кои се основни за почитување на човековите права во Европа и посакуваме таков тип процеси и сигнали да добиеме и од другите земји, изјави министерот Попоски.

Во однос на конкретните прашања и обврски кои Република Македонија ги има со членството во Советот на Европа, министерот Попоски рече дека информирал за она што Македонија прави во правец на промоција на правата - човековите права и правата на заедниците.

- Поздравени беа нашите напори и резултати од аспект на иммплементирање на Охридскиот рамковен договор. Мислам дека многу од она што е направено во Македонија од аспект на Советот на Европа претставува модел за она што треба да го направат други држави во нивниот дел на имплементирање на овие вредности и секако размислувавме за тоа како оваа соработка да ја подобриме и во иднина, рече шефот на македонската дипломатија.

На средбата со комесарот за човекови права Нилс Мужниекс Попоски рече дека уште еднаш ќе нагласи оти Република Македонија е држава која во континуитет ги промовира човековите права и која континуирано работи во тој правец. - Сакаме тие вредности да не зближуваат и да бидат она што ќе биде знак за целиот наш регион, вели министерот Попоски.

Вечерва во Стразбур тој ќе учествува на свеченоста по повод 90-годишнината на Паневропската Унија, пред чие генерално Собрание се очекува утре да одржи говор. Попоски смета дека оваа манифестација на орагнизацијата која често и безрезервно ја поддржува европската интеграција на Македонија, „е добар настан кој ќе не потсети на важноста на европското движење и на процесот на интегрирање на европскиот континент за мирот и стабилноста“.