Ристовски и Сарачини: Со зголемувањето на субвенцијата за енергетска сиромаштија ќе може да се покријат 50 проценти од сметките

Владата согласно заложбата за преземање на дополнителни мерки за намалување на ефектот на зголемување на цените на енергенсите врз најзагрозените семејства во текот на минатата недела како една од антикризните мерки ја зголеми висината на субвенцијата за потрошувачка на енергија од 600 на 700 денари. Измената со која за 17 отсто се зголемува субвенцијата ќе почне да важи од 1 август годинава, истакна министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски на денешната прес-конференција.

Посочи дека субвенциите за енергетска сиромаштија досега ги искористиле приближно 20.000 домаќинства и оти за таа намена е извршена исплата од околу 80 милиони денари.

- Мерките кои се преземаат за намалување на енергетската сиромаштија се во насока на подобрување на системот за социјална сигурност, за најзагрозените домаќинства, вклучително и компонентата за поквалитетно домување. Значајно е да се истакне дека се преземаат мерки и за решавање на социјалното домување за голем број на семејства коисе наоѓаат во социјален ризик согласно Програмата на Владата за изградба на станови за оваа категорија на корисници, рече Ристовски.

Министерот за економија Ваљон Сарачини истакна дека согласно анализите направени во Министерството едно просечно четиричлено македонско семејство месечно троши по околу 350 киловат-часови електрична енергија.

- Според параметрите од Стратегијата за унапредување на енергетската ефикасност околу 42 отсто од потрошената електрична енергија е за домашните апарати и уреди, 28 отсто се троши за греење, 18 отсто за загревање на топла вода, а 12 отсто за осветлување. Може да се заклучи дека со сегашната цена на електричната енергија од 4 денари за киловат-час со субвенцијата за енергетската сиромаштија од 700 денари може да се намират околу 170 киловат-часови електрична енергија или околу 50 отсто од потрошувачката, рече Сарачини.

Ако се користат и сончеви колектори за загревање на топла вода и субвенциите за енергетска сиромаштија, додаде, тогаш дури 70 отсто од енергијата може да се подмири со субвенцијата.

Информира дека од септември до ноември годинава Министерството за економија повторно ќе продолжи со субвенционирањето на дел од трошоците за домаќинствата кои купиле и вградиле сончев колектор во својот дом.

- Имавме голем интерес од страна на граѓаните за оваа мерка и 1.600 домаќинства аплицираа за субвенции. Денеска се одржа извлекувањето на 300. семејства на кои ќе им биде надоместен дел од трошоците за вградување на сончев колектор, а сите оне кои не беа извлечени ќе можат од септември повторно да аплицираат, рече Сарачини.