Кралев: Очекувам полагањето на државната матура да заврши без поголеми тешкотии

Во сите средни училишта во Република Македонија денеска полагањето на државната матура почна на време, се одвива тековно и очекуваме дека ќе заврши без поголеми тешкотии, изјави министерот за образование и наука Панче Кралев по денешната посета на СУГС „Раде Јовчевски - Корчагин“.

Годинава првпат Државниот испитен центар доставувањето на материјалите до средните училишта го врши пред самото почнување на тестирањето.

- Тоа беше успешно завршено, потенцира Кралев и најави дека следниот период ќе се процесуираат резултатите по полагањето на вториот предмет.

Заложбата и очекувањето на МОН, како што рече, се дека годинава резултатите ќе бидат подобри од ланските и оти ќе дадат една реална слика за образованието и за процесот на стекнување со знаења кој се одвива во Република Македонија.

Директорот на Државниот испитен центар Јусуф Арифи рече дека денеска рано наутро, околу 4:30 часот почнале со првите доставувања до училиштата во државата, а во 7 часот во скопските училишта.

- Доставувањето беше успешно реализирано. Испитот почна на време, како што е планирано по процедурите за државната матура, рече Арифи.

Ова е прв испит во јунскиот испитен рок. Испитот ќе трае 240 минути. Се полага мајчин јазик. Арифи потсети дека денескаа полагаа 18.931 ученик, од кои на македонски јазик се 12.729 ученици, а на албански 5.791, на турски 411. Вториот испит во јунскиот рок ќе се полага на 12 јуни во 10 часот.

На новинарско прашање дали е пробиен клучот на одговорите на денешниот испит, Арифи рече дека тоа се шекулации. - Нема никакво пробивање на тестот. Во тоа ќе се уверите и сами, кога ќе се изврши испитот и кога испитните материјали ќе бидат доставени до сите нас, рече Арифи.

Весна Хорватовиќ, директор на Бирото за развој на образованието рече дека тестовите по мајчин јазик се состојат од три вида на прашања, есејски тип на прашања, каде учениците добиваат задача да напишат есеј на определена тема, кој се вреднува со претходно утврдени критериуми. Вториот тип на прашања се со надополнување и третиот тип се прашања со повеќечлен избор.

- Ги очекуваме резултатите, прелиминарни да ги добиеме околу 10-ти јули и тогаш учениците имаат право на приговор, доколу се незадоволни од резултатите и ако ценат дека е направен некаков пропуст во оценувањето. За што потоа решава Второстепена комисија која повторно ги прегледува тестовите и одлучува дали ќе има промена во бодуваме. Очекуваме исто како и лани, третата недела на јули да ги добиеме конечните резултати од државната матура и со тоа на учениците им се овозможува правото да аплицираат на високообразовните институции, рече Хорватовиќ.

Приговорот чини 1.000 денари. Таа објасни дека приговорите кои се оправдани и кај кои е востановено дека е направен пропуст од страна на прегледувачите иако, како што рече, такво искуство досега немаме во голем процент, кај таквите проговори средствата им се враќаат на учениците. Само неоснованите приговори се наплаќаат и остануваат за покривање на техничките и админастративните работи на Државниот испитен центар и на Комисиите.

Директорот на СУГС „Раде Јовчевски - Корчагин“, Драган Арсовски рече дека кај нив утрово дошле материјалите, ги прегледале и точно во 10 часот почнал испитот. Тој рече дека и годинава очекуваат добри резултати.