Јавна дебата на за трансплантација

Во присуство на повеќе експерти, денеска на Медицинскиот факултет во Скопје се одржа јавна дебата за Законот за трансплантација или пресадување на делови од човечко тело. Се дебатираше за можна измена на овој закон, за воведување на т.н. претпоставена согласност.

- Сакаме да ја воведеме т.н. претпоставена согласност, што значи дека секој оној кој за време на својот живот не дал писмена изјава заверена на нотар дека се противи неговите органи да бидат предмет на пресадување е потенцијален донор, рече министерот за здравство Никола Тодоров.

Има еден искучок од ова, доколку семејството, брачниот другар или мнозинството од полнолетните деца ако дадат во рок од 24 часа писмена изјава дека не се согласни органите на нивниот роднина или лицето со кое се во крвно сродство, а кое е во мозочна смрт, да бидат предмет на трансплантација, тогаш таа трансплантација нема да се изведе.

Одиме со едно решение кое, како што рече Тодоров, е прифатено во преку 90 проценти од земјите во Европа и кое е основа за заживување на процесот на трасплантација во една држава.

- Со ова отвораме широка тема во државата. Апелирам за една дебата на сите нивоа, на ниво на факултети, универзитети, за интелектуалци, медиуми и  на сите оние кои се заинтересирани и мислат дека можат да дадат свој придонес во одлучувањето за тоа каков пристап ќе има Македонија кон ова многу сериозно прашање, рече Тодоров.

Тој потсети дека во 80-тите години на минатиот век ЕУ има излезено со една резолуција во која се вели дека нивото на демократија на една земја ќе се оценува со начинот или пристапот што го има таа земја кон трансплантацијата.

Тодоров апелираше да се има позитивен став за ова прашање и вклучување во кампањата за промена  на легислативата која, како што рече, ќе овозможи сериознио заживување на овој концепт по примерот на сите високоразвиени европски и светски здравствени системи.

Тој додаде дека во Македонија годишно 25 илјади лица умираат. – Ние не зборуваме за 15, 20 илјади или 1.000 согласности, туку за десетина согласности годишно од овие 25 илјади, рече Тодоров и додаде дека мора да има разговор со семејството од клинички/болнички координатори, бидејќи ќе се спасат 10 нови животи.

Валентина Божиновска, директор на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи рече дека петте лидери на верските заедници уште во првата фаза на донесување на Предлог-промената на Законот го дадоа својот позитивен став.