Бочварски и Рустеми го отворија Саемот за вработување на Бехтел и Енка во Прилеп

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, заедно со директорот на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми денеска во Прилеп го отворија саемот за вработување во организација на Бехтел и Енка, како дел од процесот на ангажирање на домашни работници за реализација на проектот за изградба на автопатските делници на Коридор 8 и 10 - Д.

Тие ја потенцираа важноста од одржување на ваков тип на саеми, каде граѓаните ќе можат да се информираат за можностите за вработување понудени од светски реномирани градежни компании како Бехтел и Енка.

На саемот очекуваат интерес од стручни лица од повеќе области, градежни инженери, архитекти, работници, со цел што поголема ангажираност на домашна работна сила во реализација на овој најголем инфраструктурен проект во независна Македонија.

„Градежништвото во овој регион значи развој и ќе биде дополнителен мотор на економијата и за време на градбата на овие патишта, но од друга страна и по завршувањето на овој автопат ние ќе добиеме комплетно нова слика на овој регион, каде што ќе се отвораат нови работни места, ТИРЗ зоните ќе се раздвижат, компаниите ќе ги планираат своите бизниси овде, тоа е практично еден цел ланец кој што ќе придонесе да ги задржиме нашите граѓани во овој регион. Навистина ми е драго што по 32 години независност започнува изградбата на првиот автопат во Пелагонијата, но се гради и целиот друг дел од Коридорот 10-Д. Тука на саемот има понуди за секакви работни позиции и мене ќе ми биде драго доколку се вклучат што повеќе граѓани од Македонија, и во делот на градежништвото, но и во сите пропратни дејност.“ – изјави министерот Бочварски.

Директорот на ЈПДП, Рустеми, истакна дека оваа година активно се работат сите капитални проекти и очекува рекордна реализација на капиталните инвестиции за 2023 година.

„Владата преку Министерството за транспорт и врски и преку Јавното претпријатие за државни патишта силно се залага патната инфраструктура да ја издигнеме до европските стандарди. Затоа оваа година имаме 480 милиони евра капитални инвестиции за патната инфраструктура, со што сите може да се увериме како работиме буквално во секој дел од државата. Ги градиме и рехабилитираме патните правци, се наоѓаме во силна градежна офанзива. Сакам да информирам дека до крајот на месец август имаме реализација од 60% од капиталните инвестиции, односно околу 300 милиони евра, а очекуваме до крајот на годината целосно да ги реализираме сите 480 милиони евра, што ќе биде историски потег на Владата.“ – истакна директорот Рустеми.

„Оптимисти сме во однос на саемите, очекуваме голем интерес од граѓаните, бидејќи навистина станува збор за работни позиции кои опфаќаат повеќе области и многу различни профили. На нас ни се потребни повеќе од 2 илјади работници, а до сега имаме примено апликации од околу 370 работници, кои ќе ги прегледаме и уредно ќе ги информираме во однос на вработувањето. Исто така, до сега имаме ангажирано 37 македонски градежни компании кои ќе работат како подизведувачи на овој огромен проект. Продолжуваме со одржување на саемите за вработување, сакам да известам дека веќе од 20 септември ќе бидеме и во Велес, Кичево и Куманово.“ – изјави Џошуа Бејкер, директор на проектот и претставник од компанијата Бехтел.