Груевски ја поздрави изјавата на Борисов за членство на Македонија во НАТО

Премиерот Никола Груевски денеска ја поздрави изјавата на бугарскиот премиер Бојко Борисов, поточно оној дел каде што тој кажува дека Македонија треба да стане членка на НАТО.

- Прво сакам да го поздравам оној дел каде господинот Борисов кажува дека Македонија треба да стане членка на НАТО и тоа е став за почитување и за поздравување, изјави  Груевски на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип одговарајќи на новинарско прашање.

Второ,  што се однесува до спорот, додаде тој, би напоменал дека ние имаме еден билатерален спор со Грција во кој вложуваме огромни напори за негово решавање и ќе продолжиме да работиме на неговото решавање.

- Отворени сме да ги слушаме сите сугестии, размислувања од сите други држави, но на крајот мора да се најде решение кое ќе биде прифатливо за граѓаните на РМ на организиран референдум, потенцира Груевски.