Владата ќе даде стипендии за најреномираните универзитети

Премиерот Никола Груевски денеска рече дека проектот за најавените стипендии за студирање на реномираните светски универзитети добива една добра димензија и оти веќе 15-тина студенти се пријавиле во МОН за ваква стипендија.

Груевски, на денешната промоција на 14 нови наслови од областа на медицинската наука на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, истакна дека со проектот за стипендирање на студенти од Владата му се дава можност на секој граѓанин на Македонија што ќе биде примен на еден од стоте највисоки рангирани универзитети во светот или во областа на техничките науки во 200 највисоко рангирани според Шангај листата да биде корисник на оваа стипендија.

Груевски рече дека во тек се проверките за тие 15-тина студенти и додаде дека доколку работите излезат онака како што се пријавени, наскоро ќе ги објават нивните имиња.

- Тоа ќе бидат студенти на кои државата ќе им ги покрие сите трошоци, стипендијата за студирање, патни трошоци, сместување и осигурување. Тоа се сите трошоци што ги има еден студент кога студира во странство, рече Груевски.

Комплетно, додаде, ќе им го покриеме нивното образование со договор дека по студирањето треба да се вратат и одреден број години да работат во Македонија, односно знаењето што ќе го стекнат таму да го пренесат во Македонија.

- Значајно е што во овој модел дадовме можност за тие студенти што ќе завршат да можат и до три години да останат и да работат во таа земја, доколку бидат примени во некоја од компаниите кои се на листата на ФОРБС 500, рече Груевски.

Според него, тоа се најсилните компании и оти од таму македонските студенти ќе дојдат не само со акумулирано знаење, туку и со одредено акумулирано работно искуство.

- Ваква можност досега, во еден ваков степен развиена, немало во Македонија. Ние сме Влада која за разлика од кои било поранешни влади пред 2006 година првпат нуди вакви можности за кој било студент од Македонија, рече Груевски, додавајќи дека е важно  студентите да поседуваат само знаење и волја.