Ковачевски: Северна Македонија е лидер во енергетската транзиција, стануваме зелен енергетски хаб во регионот

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, на денешната собраниска седница во одговор на пратеничко прашање, посочи дека Владата од почетокот на економската и енергетската криза водеше успешна политика, пред сè во делот на обезбедувањето на електрична енергија без никаков прекин во текот на целата измината година. 

Премиерот Ковачевски потенцираше дека континуирано се креираат мерки за обезбедување субвенции и финансиски средства за најранливите категории на граѓани како и субвенционирање на цената на електрична енергија, која е обезбедена за сите домаќинства и за сите компании на регулираниот пазар.

„Владата не дозволи ценовен шок, прво, затоа што производството на електрична енергија преку производствените капацитети на ЕСМ беше зголемено на највисоко можно ниво и заради тоа во најтешките месеци од оваа измината зима ние имавме денови кога извезувавме електрична енергија. Со субвенциите се овозможи граѓаните да плаќаат за 80% помалку електрична енергија од тоа што беше пазарната цена и ден денес имаме субвенција за електрична енергија за граѓаните бидејќи нема никакво поместување на цената за електрична енергија“, посочи претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, одговорајќи на пратеничко прашање на денешната собраниска седница.
 
Премиерот Ковачевски, потенцираше дека зголемувањето на домашното производство на електрична енергија преку инвестиции во нови енергетски инфраструктурни проекти од страна на државата преку АД ЕСМ, базирани на обновливи извори на енергија е вистинскиот пат кон обезбедување на енергетската независност на Северна Македонија.

„Мандатот на оваа Влада од 16 јануари минатата година до денес ќе биде запаметен како мандат во кој што е инсталирана најголема моќност на обновливи извори на енергија. Во моментов се инсталирани 420 мегавати обновливи извори на енергија со оглед на издадените лиценци до крајот на годината тоа ќе биде 600 мегавати на обновливи извори на енергија што споредено со периодот од 2016 година кога имаше само 16 мегавати инсталирано е огромно зголемување. Тоа нашата држава ја прави најголем производител на обновливи извори на енергија во целиот регион. А, ако ги погледнете и светските медиуми ќе видите дека утре во државата ќе биде пуштена и најголемата фотоволтаична централа во цел Западен Балкан со моќност од 55 мегавати што е еднакво на половина скоро капацитет на еден од блоковите во термоелектраните“, истакна премиерот Ковачевски на денешната собраниска седница.