Ковачевски: Растат инвестициите во обновливи извори - новата 55 MW фотоволтаична централа „ФЕЦ Новаци“ најголема на Балканот е чекор напред кон енергетската независност

Премиерот Димитар Ковачевски, денеска се обрати на свеченото отворање на приватна фотоволтаична електроцентрала во земјава – „ФЕЦ Новаци“ која моментално е и најголема на Балканот. Новата централа, е со вкупен капацитет од 55 MW и годишно е проектирано да произведува 85.000 MWh што претставува електрична енергија која е доволна за задоволување на потребите на 30.000 семејства.

Премиерот Ковачевски истакна дека ова е доказ како работи една одговорна Влада и како создава услови за изградба на вакви крупни инвестиции.

„Стабилноста во обезбедувањето на електрична енергија преку сите расположливи ресурси е наш врвен приоритет, и успеавме кризата да ја претвориме во можност. Со овие стратешки политики, овозможуваме, на долг рок, предвидливост во развојот на економијата и енергетска независност на државата. Ги имаме природните потенцијали: вода, ветер, над 280 сончеви денови секоја година, што е над европскиот просек, поради што од државата почнавме да создаваме Зелен енергетски центар во Европа. Дека е тоа така говорат и фактите. Во делот на имплементацијата на зелениот договор, успеавме да инсталираме сè поголем број на централи за обновливи извори на енергија.

Ќе ви дадам една споредба, во 2016 година во нашата држава имаше инсталирано 16 мегавати, 16 мегавати на обновливи извори на енергија. Од првиот ден на Владата која јас ја предводам,  од јануари 2022 до денес има издадени 600 лиценци за централи за обновливи извори на енергија, со што денес имаме на мрежа, од 17 јануари 2022 година до денес имаме 450 мегавати на обновливи извори на енергија, а до крајот на годината ќе бидат инсталирани и ставени на мрежа 600 мегавати обновливи извори на енергија, тоа е повеќе од капацитетот на цел РЕК Битола што произведува, чиста зелена енергија која не ја загадува околина.

Во моментот она што е најважно е дека инвестиции без економска и политичка и без безбедносна стабилност нема. Влегувањето во НАТО потврдува дека бројот и износот на инвестиции во државата растат во сите индустрии особено во делот на енергијата. Затоа нам ни е потребен мирен регион, стабилен, обединет којшто еден ден наскоро ќе стане дел од европскиот пазар од 500 милиони жители. Тоа значи дека она што го правиме овде ќе биде достапно на пазар од 500 милиони жители.“, рече Ковачевски и додаде дека Северна Македонија има амбициозен план за премин кон чисти технологии, и напуштање на производството на електрична енергија од јагленот, кое во моментот е најзастапено, преку концептот на стратешки инвестиции.

Министерот за економија, Крешник Бектеши истакна дека до 2016 година во нашата држава, која е земја на сонцето и го има сонцето на своето знаме имаше инсталиран капацитет на соларни централи од само 17 мегавати.

„Денеска можам со гордост да кажам дека во државата работат и се во систем, фотонапонски централи со вкупна инсталирана моќ од 396 мегавати кои произведуваат 610 гигават часови електрична енергија. Оваа енергија од фотонапонските централи произведуваат електрична енергија за 198.000 домаќинства. Но, не само тоа, од Регулаторна комисија за енергетика има издадени лиценци за дополнителни соларни централи со што до крајот на годината во нашата држава ќе имаме инсталиран капацитет од 550 мегават часови кои ќе ги покриваат потребите за електрична енергија за 270.000 домаќинства во нашата држава. Ако во нашата држава има 700.000 домаќинства за две години само од соларна енергија покриени се потребите за повеќе од 30% од потребите за нашите домаќинства и тоа само од соларна енергија“, кажа Бектеши.

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски рече дека изградбата на оваа фото електрична централа е поттикната и од мерките што во изминативе години ги презема Владата,  создавајќи услови за премин кон енергетската транзиција.

„Енергијата станува сè поскапа, станува товар за стопанството и домаќинствата. Овие инвестиции и слични на нив,  се директен импут врз зголемената конкуренција на домашните компании, а за граѓаните тоа значи заштеда на домашниот буџет.

И кон таквите политики, Министерството за транспорт и врски во континуитет дава сериозен придонес за реализација и промоција на зелената агенда“ рече Бочварски.

Инвеститор на овој значаен енергетски проект за производство на струја од обновливи извори е домашната компанија „МЕЈ Енерџи“ чија дејност е производство и продажба на електрична енергија од обновливи извори. Новата ФЕЦ е значајна за земјата и од вкупен економски аспект, бидејќи претставува инвестиција вредна 40 милиони евра.

„ФЕЦ Новаци“ е изградена на целосно приватно земјиште, во соодветна класа за градба, согласно Законот за градење на фотоволтаични централи. Една од предностите на локацијата, како што велат од компанијата, покрај поволните временски услови, односно големиот број сончеви денови и поволната конекција за поврзување на 110 kV мрежа, е и близината на РЕК Битола. Имено, согласно препораките на ЕУ за трансформација од производство на енергија од конвенционални централи, кон централи од обновливи извори до 2030 година, и за нашиот најголем произведувач на електрична енергија, но од јаглен чии резерви се веќе при крај, постојат планови за трансформација во производител на струја од обновливи извори. Во време Зелената револуција, особено во енергетиката, кога преминот кон обновливи извори на енергија е присутен насекаде, во 2018 година ни се роди идеја за изградба на капацитет за производство на електрична енергија од она што најмногу го имаме – сонцето како обновлив извор на енергија кој секогаш е присутен. Мотив плус за инвестицијата беше и фактот дека и во нашата земја, не само поради преземените обврски за напуштање на производство на енергија од капацитети кои ја загадуваат природата, расте свеста за потребата од поголема грижа за животната средина. Оттаму и силно се работи на реализација на стратегијата за премин кон производство на енергија од обновливи извори и задоволување на потребите од енергија од сопствени капацитети “, рече Шефшет Демировски, „МЕЈ Енерџи“.
 


Целосно обраќање на премиерот Ковачевски:

„Денешниот ден е уште една потврда, дека со добра организација, стратешки пристап и визија за предвидлива иднина, резултатите се неминовни. Денес, зборуваме за иднината, зборуваме за нови проекти кои ни носат стабилност и сигурност во снабдувањето со електрична енергија, што значи и силна економија и подобар животен стандард за граѓаните.

Упатувам честитки за домашната компанија „МЕЈ Енерџи“ за новата најголема инвестиција во фотоволтаична централа на Балканот, која се наоѓа тука во Општина Новаци со вкупна површина од 57 хектари. Новата централа, е со капацитет од 55 MW и годишно е проектирано да произведува 85.000 MWh што претставува електрична енергија која е доволна за задоволување на потребите на 30.000 семејства во државата.

Нас неслучајно нè нарекуваат земја на сонцето, бидејќи ние сме земја на сонцето. Голем број на присутните овде и претседателите на СК знаат дека јас бев еден од оние, кои што за обновливите извори на енергија зборував меѓу првите во државата и поминав многу време и во истражувања и во учење и она што можам да кажам е она што го гледате тука 85.000 мегават часови електрична енергија, јас сум убеден дека оваа фотоволтаична централа ќе дава 20 до 25 проценти повеќе електрична енергија со оглед на тоа што сончевата инсолација во нашата држава е најдобра во однос на сите држави во светот и затоа ако некој треба да е горд што живее во земја на сонцето, тоа треба да сме сите ние без разлика кој каде припаѓаме и ако нешто треба да направиме, тогаш сите заедно обединети оваа земја на сонце која во моментов е пример за енергетска трансформација да биде најдобриот пример како земја членка на ЕУ за зелен центар на ЕУ во моментот кога до 2030 година ќе станеме земја членка на ЕУ. 

Ние како Влада создаваме услови за изградба на вакви крупни инвестиции. Поставуваме курс за тоа како треба да изгледа државата во иднина кога зборуваме за производство на енергија и зелена индустрија и економија која се стремиме да ја креираме.

Стабилноста во обезбедувањето на електрична енергија преку сите расположливи ресурси е наш врвен приоритет, и успеавме кризата да ја претвориме во можност.

Со овие стратешки политики, со промената на законската регулатива за што морам да се заблагодарам и на МТВ и на МЕ, овозможивме развој на економијата и енергетска независност на државата. Ги имаме природните потенцијали: вода, ветер, над 280 сончеви денови секоја година,  што е над европскиот просек, поради што од државата почнавме да создаваме Зелен енергетски центар во Европа.

Дека е тоа така говорат и фактите. Во делот на имплементацијата на зелениот договор, успеавме да инсталираме сè поголем број на централи за обновливи извори на енергија. 

Ќе ви дадам една споредба, во 2016 година во нашата држава имаше инсталирано 16 мегавати, 16 мегавати на обновливи извори на енергија. Од првиот ден на Владата која јас ја предводам, од јануари 2022 до денес има издадени 600 лиценци за централи за обновливи извори на енергија, со што денес имаме на мрежа, од 17 јануари 2022 година до денес имаме 450 мегавати на обновливи извори на енергија, а до крајот на годината ќе бидат инсталирани и ставени на мрежа 600 мегавати обновливи извори на енергија, тоа е повеќе од капацитетот на цел РЕК Битола што произведува, чиста зелена енергија која не ја загадува околина. 

Во моментот она што е најважно е дека инвестиции без  економска и политичка  и без безбедносна стабилност нема. Влегувањето во НАТО потврдува дека бројот и износот на инвестиции во државата растат во сите индустрии особено во делот на енергијата. Затоа нам ни е потребен мирен регион, стабилен, обединет којшто еден ден наскоро ќе стане дел од европскиот пазар од 500 милиони жители. Тоа значи дека она што го правиме овде ќе биде достапно на пазар од 500 милиони жители.

Дека работиме според план и долгорочно,  на полето на енергетиката би сакал да напоменам и уште неколку проекти важни за државата, а сето ова значи и можности за инвестиции.

Конечно, после 30 години избравме приватен инвеститор за изградба на најголемата пумпна хидроцентрала на Балканот  „Чебрен“ која има огромно значење за декарбонизацијата и за праведната енергетска транзиција. „ППЦ“ од Грција во конзорциум со „Архиродрон“ треба да го изградат овој проект и да го работат заедно со државната компанија „ЕСМ“. 
Пумпно акумулационите централи имаат огромно значење за апсорбирање на огромниот број на обновливи извори на енергија во нашите системи. Очекуваме уште неколку такви електрани во нашиот регион, меѓутоа најголемата ќе биде тука во Северна Македонија со една од највисоките светски брани од 192 метри која ќе биде градена во наредните 7 години. 

Северна Македонија има амбициозен план за премин кон чисти технологии, и напуштање на производството на електрична енергија од јагленот, кое во моментот е најзастапено, преку концептот на стратешки инвестиции. Во план се изградба на најголемиот агриволтаичен парк „Стипион“ од француската компанија „АКИО“ и проектен тим работи на овој проект, со капацитет од 400 MW, најголемиот ветерен парк, на кој исто така работи проектен тим, од 400 MW „Вирови“, од германската компанија „ВиПиДи“ и нова когенеративна електрана на природен гас од грчката компанија „Митилионеос“ на која исто така работи проектен тим. 

Овие проекти заедно со огромниот број на фотонапонски централи кои секојдневно се градат, ќе ни ја овозможат енергетската транзиција на среден и долг рок. 

Токму ние ја направивме првата енергетска транзиција на електрана на јаглен, во РЕК Осломеј. На постојната стара термоелектрана со капацитет од 120 MW, во моментот има изградено една фотонапонска централа од 10 MW на локацијата на стариот рудник и дополнително во фаза на градба се уште 100 MW од страна на приватни инвеститори.

По истиот принцип, во финална фаза се и физибилити студии, за нови над 300 MW фотонапонски централи на стариот рудник во РЕК Битола, нашиот најголем производител на електрична енергија од јаглен. На локацијата во РЕК Битола, планирана е изградба и на комбинирана гасна централа, која во иднина ќе може да работи и на водород и на тој начин целосно ќе се исфрли јагленот од употреба. За ова веќе работиме со еден од најголемите американски гиганти во оваа индустрија и веќе се водат конкретни разговори. РЕК Битола ќе биде хибриден центар за производство на електрична енергија преку различни технологии за производство.

Ваквите инвестиции креираат високо платени работни места во зелената економија. Инвестиции како оваа, но и останатите овозможуваат граѓаните, младите да останат дома и тука да си ја градат својата иднина во вакви високо технолошки индустрии.

Уште еднаш упатувам честитки за „МЕЈ Енерџи“ за изградбата на ФЕЦ НОВАЦИ, ако досега говорите одеа дека сме направиле нешто меѓу најголемите, меѓу најдобрите, меѓу подобрите – денес можам слободно да кажам дека „МЕЈ Енерџи“ направија најголема фотоволтаична централа на целиот Балкан. Гордост и на Новаци, гордост и на Македонија, гордост и на Балкан, гордост и на Европа.  

Ако напорно се работи, овде можам уште еднаш да повторам нема недостижна цел, честитки за инвеститорите, за сите што работеа на проектот и посакувам уште многу успешни проекти и здравје на вашите семејства. 

Ви благодарам.“