Бектеши во посета на Бимилк: И другите компании да го следат примерот на Бимилк за општествена одговорност во кризно време

Бимилк во изминатата година делуваше проактивно во однос на ценовната политика и ги намали цените на најкупуваните млечни производи. Исто така, со наменски мерки насочени кон фармерите влијае и го поттикнува примарното млекопроизводство со цел одржливост на млечната индустрија во земјава. Една од најголемите млекарници во државата работи во полн капацитет и непрекинато го снабдува пазарот со млечни производи. Ова беше констатирано при денешната посета на Бимилк од страна на министерот за економија, Крешник Бектеши и премиерот Димитар Ковачевски.

Министерот Бектеши  се заблагодари на менаџментот на Бимилк за можноста да заедно со премиерот Ковачевски се запознаат директно во производствениот процес и за тоа како се спроведуваат мерките на Владата.

„Бимилк е една од општествено одговорните компании кои излегоа во пресрет во оваа ценовна криза и ги намалија цените на своите производи. Во делот на намалување на цените и мерките кои ги носи владата за инфлацијата, денеска добивме одлични податоци од менаџментот на млекарата која само за една година кога има глобална инфлација, глобално зголемување на цените во млечната индустрија речиси за 25% имаат намалување на цената на нивните производи во мало продажба“ кажа министерот Бектеши.

Министерот потенцираше дека треба сите да ги следат ваквите примери на компании и на таков начин сите заедно ќе влијаеме во подобрување на животниот стандард.

“Бимилк како една од најголемите компании за преработка на млеко и млечни производи е еден од најзначајните фактори за домашната млечна индустрија. Не само што сме двигател на млечната индустрија, туку сме и значаен стопански фактор што влијае врз локалниот развој и со свој импут во економските показатели на земјата. Врз нашата работа ја носиме одговорноста за секојдневно и континуирано снабдување на пазарот со неопходните млечни производи, за ценовната одржливост и достапноста до граѓаните, за одржливоста на фармите и зголемувањето на млекопроизводството“, истакна Ѓорѓи Петрушев, генерален директор на Бимилк.