Битиќи: „Раде Кончар Сервис" е пример за тоа како иновативноста води до успеси на глобалните пазари

Заменикот на претсетседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, се обрати на свеченоста по повод прославата на 75-годишнината на Раде Кончар Сервис.

Во својот говор, вицепремиерот Битиќи рече дека се работи за редок јубилеј со кој може некоја компанија да ги означи своите повеќе децениски успеси.

„Прославата на 75-годишнината на Раде Кончар Сервис е вистински пример за тоа како континуирано отворениот и иновативен пристап во развојот на нови производи и услуги, даваат повеќе децениска виталност и пазарни успеси на регионалниот и глобалните пазари. Овде несомнено спаѓа и имплементацијата на квалитетни и напредни технолошки решенија кои ги задоволуваат највисоките индустриски стандарди и специфични потреби на пазарот во делот на металопреработувачката и електро-индустријата“, рече Битиќи.

Вицепремиерот Битиќи додаде дека јубилејот е приказ на визионерскиот курс кој менаџментот на компанија успева да го одржува низ годините, прифаќајќи го напредокот и постојано поместувајќи ги границите на она што е можно.

Водејќи силна грижа за вработените, за нивната материјална сигурност и постојаното вложување во развојот на нивните знаења и вештини, Раде Кончар Сервис е компанија во која развојот на човечкиот капитал во слух со науката и тесната соработка со високо-образовните институции, ги има зацврстено темелите на пазарните успеси и во индустрии во кои технолошкиот напредок незапирливо поставува нови предизвици“, рече Битиќи.

Вицепремиерот Битиќи се осврна и на тешките предизвици со кои се соочува светот, климатските промени и деградацијата на животната средина, од кои не е одмината ниту Северна Македонија.

„Имаме домашна компанија која има прераснато во пример за тоа дека пазарните успеси може да се остваруваат и со прифаќање на поширока одговорност кон заедница и примена на циркуларен пристап во работењето. За пофалба се пазарните успеси кои одат подалеку од иновациите и современата технологија, кои во себе интегрираат развиена свест за заштита на животната средина. Раде Кончар Сервис е пример за компанија која создава и споделува вредност со општеството и животната средина, истовремено претставувајќи модел кој треба да биде инспирација и мотив за останати компании во Северна Македонија за тоа како преку одговорни деловни практики во 21-от век може да се остваруваат глобални пазарни успеси“, рече Битиќи. 

Во својство на вицепремиер за економски прашања, Битиќи рече дека уште од почетокот на својот мандат има уверување дека компетитивноста на нашата економија на регионалните и глобалните пазари може да биде засилена само доколку домашните компании развиваат производи и услуги на темел на иновативност и вложување во истражување и развој, достоинствено платени работни места, со кои создаваат додадена вредност и бележат успеси нe само на нашиот пазар, туку ефективно се натпреваруваат и на глобалната сцена. 

„Токму Раде Кончар Сервис е тој вид на компанија, која во своето работење го отелотворува принципот на иновативност во технолошкиот развој“,  рече Битиќи.