Работна посета на министерот Попоски на Кралството Шпанија

На 12. јуни 2012. година, министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски, престојуваше во еднодневна работна посета на Кралството Шпанија. Во рамките на посетата оствари билатерална средба со неговиот шпански колега, министерот за надворешни работи и соработка, Хосе Мануел Гарсија-Маргајо и Марфил.

На средбата двајцата министри разменија мислења во контекст на билатералните односи и соработка меѓу двете земји, при што беше нагласена потребата од зајакнување на економската соработка меѓу бизнис заедниците на двете држави, со организирање на економски форум, како и зацврстување на регионалната соработка со Шпанија во рамките на македонското претседавање со Процесот за соработка со земјите од Југоисточна Европа.

За време на средбата беа упатени пораки за солидарност во Европа, особено во периоди на кризи, со цел поттикнување на инцијативи од заеднички интерес. МНР Попоски нагласи дека Македонија посветено работи на градење на клима на соработка и мостови со сите држави во Европа.

Посебен акцент беше ставен на надворешно-политичките приоритети на Република Македонија, при што министерот Попоски ја нагласи определбата на Македонија, и покрај блокадите, да остане посветена на своите стратешки цели – членството во НАТО и ЕУ. Притоа, изрази очекување за натамошна, засилена поддршка од страна на Кралството Шпанија во таа насока.

МНР Попоски имаше обраќање во шпанскиот институт за меѓународни односи (think-tank) Real El Cano  на тема "Македонија и Европската Унија", како и средба со Претседателот на Комисијата за надворешни работи на Конгресот на пратениците на шпанскиот Парламент Зосеп Дуран и Љеида.