На денешната владина седница, донесена е измена на Одлуката за определување на добрата и услугите кои подлежат на повластена стапка на данокот на додадена вредност, а која беше усвоена на 28 септември 2023 година со која се допрецизираат неколку тарифни броеви кои во пракса создадоа дилема во примената на повластената стапка од 5%, поради поголемиот број на производи по ист тарифен број.
Со оваа измена, урдата, замрзнатото тесто, црвениот бибер и црвениот пипер, бебешките каши, адаптирано млеко за доенчиња, додатоци за исхрана за опаднат имунитет, хербалните чаеви, наполитанките и вафлите, растителниот кашкавал, останати одредени видови кашкавали, лутеница и конзервирано цвекло и феферони, се производи коишто ќе се оданочуваат со повластена стапка на ДДВ од 5%.
Со оваа одлука воедно се овозможува поддршка на домашната економија, односно домашните компании кои произведуваат дел од овие производи, како и заштита на стандардот на граѓаните.
Измените кои Владата ги усвои на денешната седница ќе се применуваат од 13.10.2023.
Министерството за финансии и Владата во креирањето на политиките и нивната примена се во постојана комуникација со бизнис заедницата и отворени се за сугестии и предлози. Процесот на утврдување на оваа одлука, исто така, се водеше низ транспарентен и инклузивен процес и беше споделена листата со производи кои ќе се оданочуваат со повластена стапка на ДДВ пред 9 месеци, уште во јануари со бизнис заедницата, преку стопанските комори за тие да можат да достават свои предлози. Одлуката се донесе на седница на Владата на 28 септември и стапи во сила на 2 октомври кога започна со примена, но поради утврдените недоследности во примената кај дел од производите се укажа потреба од измена на Одлуката која беше направена во најкус можен рок.
Република Северна Македонија останува со најниски даночни стапки на ДДВ (редовни и повластени) и целата човечка исхрана се оданочува со повластена стапка на ДДВ, а најголем дел од неа се оданочуваат со најниска повластена стапка од 5%. Односно Примената на најниската повластена стапка на ДДВ во земјава се однесува на повеќе од 1650 прехранбени производи, а дополнително повластена стапка имаат и други околу 950 прехранбени производи.
Одлуките за примена на повластена стапка на ДДВ произлегоа од измените на Законот за данок на додадена вредност и се со цел заштита на стандардот на граѓаните, заштита на здравјето на граѓаните и оданочување со праведна даночна стапка на прехранбените производи. Дополнително со усвоените законски измени и дополнувања на Законот за данокот на додадена вредност се извршија и останати усогласувања со Директивата на ЕУ за ДДВ.