Министерката за одбрана Славјанка Петровска заедно со шефовите на делегациите на земјите – членки на САД – Јадранската повелба денеска по Министерскиот состанок потпишаа Заедничка изјава во која се обврзаа на засилена соработка со цел зацврстување на регионалната безбедност и стабилност.
„Успешноста на А5 Иницијативата се должи токму на тоа што четири од петте земји членки веќе станаа членки на НАТО и активно придонесуваат кон колективната безбедност и безбедноста на регионот. Токму затоа и денеска се обврзавме дека земјите од Иницијативата А5 ќе продолжат да ги поддржуваат сите регионални аспиранти на нивниот пат кон целосна евроатлантска интеграција зашто сите ние цврсто веруваме дека политиката на отворени врати лежи во основните принципи на НАТО и на А5 Иницијативата“, истакна министерката за одбрана Славјанка Петровска на денешната прес-конференција по состанокот на Министерскиот состанок на САД – Јадранската повелба во Скопје.
Петровска потенцираше дека заеднички став на земјите од А5 е дека политиката на отворени врати останува зашто истата е многу важен инструмент за зацврстување на регионалната соработка и безбедност.
„Во заедничката изјава се согласивме дека продолжуваме да ги поддржуваме барањата на земјите набљудувачи за членство во оваа иницијатива, се разбира доколку тие сакаат да бидат дел од овој форум и се подготвени да придонесат за мирот и безбедноста во согласност со принципите на А5 Иницијативата“, рече Петровска.
Министерката го изнесе заедничкиот став дека досега преку оваа Иницијатива регионот постигна многу, со уверување дека преку постојана взаемна поддршка и соработка можат да се постигнат заедничките цели за постабилен и безбеден регион.
Петровска се заблагодари за континуираната поддршка и лидерство од страна на Соединетите Американски Држави и сојузниците во заокружувањето на евроатлантските аспирации на земјите од регионот и порача дека за зацврстување на безбедноста мора да се интензивира регионалната соработка.
„Размената на информации ќе ни овозможи заеднички да се одбраниме од влијанието на трети страни кое може да ја поткопа нашата регионална стабилност“, подвлече министерката и додаде дека земјите – членки успешно ги реализираат заедничките активности, вклучително и поддршката на НАТО мисијата во Ирак.
Министерката информираше дека земјите од А5 едногласно ја осудуваат неиспровоцираната агресија врз Украина која е закана за глобалниот, европскиот и регионалниот мир и безбедност.
„Остануваме посветени на нашата поддршка на Украина, која има полно право да ја одбрани својата територијална независност и сувереност“, рече министерката.
Помошничката на секретарот за одбрана на САД, Селест Валандер изрази благодарност до Северна Македонија за организацијата на овој Министерски состанок и порача дека силата на А5 Иницијативата не се мери во зборови, туку во дела. САД целосно ја поддржуваат политиката на отворени врати, рече Валандер, и додаде дека САД се горди на силната врска која ја имаат со земјите од САД – Јадранската повелба.
„Секој чекор кој го правиме заедно, е исчекор за свет во кој мирот не е само аспирација, туку реалност за целата глобална заедница“, рече Валандер.
Помошничката на секретарот за одбрана на САД се осврна и руската агресија врз Украина, за што рече дека сите земји –членки на А5 се едно во нивната одлучност дека активности како оние што ги гледаме во Украина не можат да ја обликуваат нашата иднина. Стоиме заедно со украинскиот народ, рече, потврдувајќи дека нивната борба не е само за територии, туку за вредности кои сите ние ги цениме и чуваме.
На Министерскиот состанок покрај министерката Петровска и помошничката на секретарот за одбрана на САД, Селест Валандер учествуваа и министерот за одбрана на Црна Гора, Драган Краповиќ, министерот за одбрана на Албанија, Нико Пелеши, заменикот министер за одбрана на Босна и Херцеговина, Славен Галиќ и Игор Габриќ, раководител за меѓународна безбедносна и одбранбена соработка во Министерството за одбрана на Хрватска. Во својство на набљудувачи на состанокот учествуваа и Ејуп Маќедонци, министер за одбрана на Косово, Немања Старовиќ, државен секретар во Министерство за одбрана на Србија и Аљоша Селан, заменик-генерален директор во Министерство за одбрана на Словенија
Претседателствувањето со САД – Јадранската повелба во 2024 година го презема Албанија, каде што ќе се одржи и следниот Министерски состанок.