Премиерот Димитар Ковачевски денеска ја посети фабриката Вабтек МЗТ во Скопје, која во Северна Македонија во својот производствен капацитет работи по исклучително висока технологија која што може единствено да се види во фабрики во Англија, во Франција, во САД и тука во Скопје.
„Северна Македонија индустриски се развива и економијата расте, тоа не е резултат само на работата на Владата нормално и институциите, туку пред сѐ на вакви компании кои инвестираат во високо технолошко – индустриско производство кое се продава на светските пазари. Вабтек МЗТ е резултат на спојување на три индустриски гиганти од САД и Франција со повеќе од 150 години историја во железничкиот бизнис, има производствени погони ширум светот, но и во Северна Македонија. Ние како Влада даваме поддршка, во моментов во Вабтек МЗТ работат 370 високо квалификувани работници, имаат развиено програма за преквалификација на работници од други индустрии кои работат заедно со Министерството за труд и социјална политика и секако образование кое го работат со Министерството за образование и наука, а кое произведува нови кадри потребни за оваа фабрика“, рече премиерот.
Премиерот ја потенцираше позитивната бизнис клима во државата, која придонесе за зголемен број на инвестиции и отворање на нови работни места во Северна Македонија. Како што истакна Ковачевски: има нови 4.800 работни места во ТИРЗ ширум Северна Македонија, а вкупниот број достигна 17.790 вработени кој е рекордно ниво на вработени во ТИРЗ.
Вабтек е фабрика која се наоѓа надвор од технолошко индустриската развојна зона, деловите кои ги произведуваат во Скопје може да се најдат од њујоршкото метро, познатата Ориент Експрес, до лондонското најмало метро. Развојните планови на компанијата Вабтек МЗТ, предвидуваат нов објект заради проширување на своите производства. Планираат да вработат дополнително 150 луѓе во наредниот 4 годишен период и тоа вработени кои ќе работат исклучиво на ЦНЦ машини.
„Во корпорацијата Вабтек има и спојување направено во текот на изминатите години коешто вклучуваат делови и од Генерали Електрик од САД и затоа ние како Влада ќе направиме сѐ што е потребно за да една ваква инвестиција ја поддржиме. Да се развива, да гради нови објекти, да воведува нови технологии да образува и обучува нови квалитетни инженерски кадри кои потекнуваат од нашата држава. Секако тие се фабрика и која ќе увезува работна сила согласно потребите кои ги имаат заради технологијата која ја користат“, рече Ковачевски.