Битиќи: Најуспешните ТОП-100 компании се одраз на синергијата помеѓу приватниот сектор и економските политики на Владата

Заменик-претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, се обрати на настанот по повод промоцијата на ТОП 100 најуспешни компании на Стопанската комора на Северозападна Македонија.

Во продолжение, интегрално го проследуваме обраќањето на вицепремиерот Битиќи:

„Со голема чест и задоволство стојам денеска овде пред вас, прво затоа што долго време јас бев дел од заедницата од која денес ќе бидат претставени 100-те најуспешни компании, а второ, затоа што овој настан не е само доказ за вашиот претприемачки дух, туку и одраз на синергијата помеѓу приватниот сектор и економските политики на Владата.

За вас, најуспешните ТОП-100, зборуваат бројките, кои укажуваат на стабилност и константен раст на компаниите, споредено со показателите од 2021 година. Минатата 2022 година која беше одбележана со економска и енергетска криза, најдобрите 100 оствариле приход од една милијарда и 374 милиони евра, со нето добивка од 100 милиони евра, притоа реализирајќи инвестиции од 64,6 милиони евра и вработувајќи 9.441 граѓани на нашата земја.

Влегувањето во нови инвестициски циклуси и задржувањето на пазарната позиција кај домашните компании, бара и позитивен економски контекст, кој е во делот на одговорноста на Владата и нејзините економски политики за поддршка на стопанството.
 
Секојдневно расте бројот на домашни компании кои преку Законот за финансиска поддршка на инвестиции се охрабрени да инвестираат, до сега, од 2017 година до 2022 година, Владата има поддржано 919 домашни компании за нивните инвестициски циклуси со реализирани 500 милиони евра инвестиции, а за што се поддржани со околу 100 милиони евра, што е некаде околу 20 отсто.

Оваа година потпишавме нови рекордни 289 договори по Законот за финансиска поддршка на инвестиции со компании кои предвидуваат инвестиции од 366 милиони евра и ќе се креираат нови 4.439 работни места.

Почитувани,

Овие економски резултати се случуваат во период на економска и енергетска криза, која за задржувањето на конкурентноста на нашата економија бараше и дијалог со стопанството во креирањето на анти-кризни мерки кои беа директно насочени кон поддршка на компаниите, одржување на нивната ликвидност и задржување на работните места.
 
Овој дијалог го спроведовме и во подготовката на последниот, деветти пакет на анти-кризни мерки, кој е во висина од 662 милиони евра.

Една од мерките на овој пакет е мерката, за која заедно сме дискутирале на состанок, се однесува на исплата на повисоки плати на вработените преку ослободување од плаќање на придонеси за постојни вработени заради зголемување на платите од 3.000 денари до 9.000 денари, како и други мерки кои веќе ви се познати.

Почитувани,

Она што сакам да го истакнам пред топ-100 најуспешни компании, е вашиот голем потенцијал кој треба да го искористиме, да го ставиме во функција на ослободување на нова додадена вредност, да ги зацврстиме темелите на економскиот раст и развој.

Станува збор за Near shoring, односно заеднички да работиме што повеќе компании од вас да се вклучуваат во глобалните синџири на набавки на големите европски, а и светски компании, и на тој начин да се доближуваме до земјите на Европската Унија.

Паралелно со ова треба да се има предвид и развивањето на регионалната соработка како можност за компаниите уште повеќе да растат, да се развиваат, да се интегрираат уште повеќе во европските и глобалните пазари.

Во оваа насока, Планот за раст на Западен Балкан со неговите четири столба, како политички и финансиски влог на Европската Унија, создава можност да се стекнете со придобивките уште пред полноправно зачленување на Северна Македонија во Унијата. Со финансиска поддршка од шест милијарди евра за регионот, од кои една милијарда ќе бидат достапни за нашата држава, пред нашата економија се отвора уште еден извор на економски потенцијал.

Почитувани бизнисмени,

Би сакал да ви посочам и на една реална можност, која благодарение на одговорната политика на Владата ја создадовме пред домашните компании, поточно пристапот до тендерски постапки во вредност од околу пет милијарди евра како економска можност од нашето членување во НАТО, шанса која досега само околу 40-тина компании ја имаат искористено. Па затоа, ве повикувам да ја искористите оваа шанса за нова мрежа на економска соработка и трговски партнерства, да создавате нова додадена вредност, како за вас, така и за целокупната економија.

На крајот искрена благодарност за вашиот непроценлив придонес за нашиот економски раст и развој, искрени честитки до сите 100 компании за заслуженото признание“.