Министерството за труд и социјална политика заедно канцелариите на УНФПА во Република Северна Македонија со поддршка на Британската амбасада во РСМ продолжија со спроведување на кампањата “ Сложувалка“ во рамки на глобалната кампања 16 дена активизам за борба против насилството врз жените. За таа цел беше одржана панел дискусија на тема „ Дискриминацијата, економската зависност и недовербата - корен на родово базираното насилство “ во Шуто Оризари. На панел дискусијата се обратија: Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, Заменик министерка за правда, Викторија Аврамовска Мадиќ, Заменик министерка за здравство, Маја Манолева извршната директорка на „Паблик“, Климентина Илијевски, претставничка од здружението „Иницијатива за правата на жените - Шуто Оризари“, Ајсел Амет.
На настанот во говорите беше опфатен правниот аспект и здравствениот како клучни сегменти во помош и одговор при насилство исто така беа истакнати придобивките од социјалното менторство и олеснетото вклучување на жените жртви на пазарот на трудот.
На дискусијата Заменик министерката за правда, Мадиќ зборуваше за канцелариите кои ги има воспоставено Министерството за правда со цел овозможување бесплатна правна помош на жртвите кои имаат претрпено насилство.
„Особено се заложивме за да ја подобриме позицијата на жените Ромки во однос на овозможувањето на бесплатна правна помош. Затоа отворивме канцеларија во Шуто Оризари, не е целта е да сме присутни кај најранливите категории на граѓани“ рече Мадиќ.
Заменик министерката, Манолева зборуваше за здравствениот третман и грижа за жртвите од сексуално насилство како еден од приоритетите на Министерството за здравство.
„Активно функционираат трите Центри за заштита од сексуално насилство (на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје, во Клиничка болница Тетово и во Општа болница Куманово), каде се применува мултисекторски пристап кон лицата жртви на сексуално насилство. Во центрите сите услуги се бесплатни, односно на жртвите не им се бара ниту документ за идентификација, ниту финансиски средства. Тие се пристапни и адаптирани за лицата со попреченост и во нив се поставени хидраулични гинеколошки столови“ рече Манолева.
Во своето обраќање Извршната директорка на „Паблик“ зборуваше за личните искуства во извлекување на жртвите од кругот на насилство и нивно интегрирање на пазарот на трудот. Таа го објасни социјалното менторство како процес и кажа дека оние кои сакаат да се вклучат на пазарот на трудот, а немаат храброст да го направат тоа, социјалните ментори се тука за нив.
„Моментално работиме и на измени на Законот за социјална заштита, со што менторираното лице нема да ја изгуби Гарантираната минимална помош кога е вклучено во процесот на социјално менторирање. Од сите досегашни вработување преку социјалното менторство 80% го задржале своето вработување, односно од 15 жени жртви на насилство 13 се на пазарот на трудот додека 3 од нив побарале дополнителна помош за напредок на работното место“ рече Илијевска.
На панел дискусијата претставничката на „Иницијатива за правата на жените - Шуто Оризари“, Ајсел Амет ја истакна улогата на здружението.
„Целта на Иницијативата за правата на жените на Шуто Оризари – Скопје е да секоја млада девојка и жена Ромка ги остварува слободно и еднакво своите социјални, економски и здравствени права, на еднаква основа со другите жени, без дискриминација. Здружението ја остварува целта преку застапување, омоќнување и едуцирање млади девојки и жени Ромки за да ги остваварат социјални, економски и здравствени права, без дискриминација, а истовремено преку обезбедување и нудење информации, социјални услуги и правна помош кон остварување на нејзините права“ рече Ајсел Амет.
Министерката Тренчевска во своето обраќање се задржа на целта на кампањата „Сложувалка“ таа истакна дека со новите форми на насилство треба се почесто да се зборува за подигање на свеста и за сеопфатен одговор. Министерката воедно зборуваше и за економско зајакнување и за она што го работи министерството.
„Ве охрабрувам да ги користите мерките на Оперативниот план кои ги спроведува министерството за полесно вклучување на пазарот на трудот. Економското зајакнување е едно од главните фактори во борбата против насилството“ рече Тренчевска.