„Семејното насилство не е семејна драма, насилството не е жанр. Тоа е аларм, тоа е повик на гласност. Жената која бара помош не го растура семејството. Напротив! Таа е жртвата” – рече министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска на денешната панел дискусија „Насилството низ призмата на културата - гласно и болно, но борбено“, како дел од кампањата „Сложувалка“.
Темата на денешниот настан што се одржа во НУ „Завод и музеј“-Битола беше обид да се разбере во контекст на тоа како културните аспекти и норми можат да влијаат на распространетоста и прифаќањето на насилството во општеството.
Кампања која е во рамки на шеснаесетдневниот активизам за борба против насилството врз жената и семејното насилство е во организација на Министерство за труд и социјална политика, канцелариите на УНФПА во Република Северна Македонија и со поддршка на Британската амбасада. Истата има за цел да образува да ја подигне свеста и да ги поттикне луѓето да размислуваат и да дејствуваат против насилството од било кој вид.
Костадиновска-Стојчевска осврнувајќи се на модерното време и реалните проблеми со кои се соочуваме ја нагласи опасноста од дигиталното т.н. насилство „преку тастатурa” на кое веќе никој не е имун.
„Ова насилство преку тастатура, кое најнапред беше дефинирано како вознемирување, добива широки размери и станува светски проблем искачувајќи се високо на скалилото на насилство со тешки и трајни последици. Затоа и овој вид на насилство мора да се пријавува”- нагласи минстерката за култура.
Имено, фактот дека во овој свет секоја трета жена е жртва на некаков вид на насилство само зашто е жена е поразителен, а уметноста и културата се добри заштитници бидејќи не поттикнуваат да отвориме дијалог и да испратиме порака дека нема табу теми. Преку мултидисциплинарниот пристап, односно заедничко подигање на глас, пријавување од страна на жртвите и постапување од страна на одговорните ќе доведе до решение и суштинско владеење на правото. Тоа што за некого е само Законско решение, за некого значи прашање на живот, судбина – потенцираше министерката Костадиновска-Стојчевска.
Таа порача „Дозволете уметноста да биде светло во нашиот борбен пат кон свет каде секоја жена може да се чувствува сигурна, слободна и почитувана“ и додаде дека секогаш во фокусот на Министерството за култура е поддршката на жените и младите авторки. Ги охрабри да творат гласно, да творат самоуверено и да бидат заразно храбри, затоа што правото на создавање, на творење, на изразување е неприкосновено човеково право.
Покрај министерката за култура, на присутните им се обратија и министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, претставничката од УНФПА Јованка Брајовиќ Григоријевиќ, директорката на манифестацијата „Охридско лето”, Наташа Поповиќ и Јасмина Атанасова, авторка на романот „Кога ќе стивне прашината“, посветен на борбите и предизвиците со кои се соочува жената во општеството.
Како завршница на настанот, од страна на сите говорници беше испратена пораката дека борбата против семејносто насилство и насилството врз жените не е само 16 дена, таа е постојана во текот на сите 365 дена од годината. Беше испратен апел до секоја една жртва која премолчува, конечно да стави крај на голготата и да го пријави насилството во полиција, во центрите за социјална работа или на бесплатните телефонски броеви кои се на располагање за таа намена.