Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска, при посетата на Фармацевтскиот факултет при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде присуствуваше на презентација на нова лабораториска опрема, во изјава за медиумите се осврна и на антикризните и други мерки кои Владата ги презема за подобрување на студентскиот стандард и условите за студирање во земјава.
Притоа, премиерот Ковачевски ги појасни мерките предвидени со деветтиот пакет антикризни мерки, како и мерките за субвенциониран студентски оброк која мерка прв пат се воведува, но и зголемувањето на студентските стипендии и реконструкцијата на сите студентски домови.
Како што рече премиерот Ковачевски, во рамките на деветтиот пакет антикризни мерки во вредност од 662 милиони евра предвидено е во наредните седум месеци, 15.000 студенти кои живеат надвор од местото на студирање, да добијат ваучер за превоз во износ од 600 до 1.200 денари, за што се предвидени два милиони евра.
Нагласувајќи дека поддршката од Владата за студентите е континуирана и на повеќе нивоа, премиерот Ковачевски појасни дека за студентите досега се предвидени повеќе мерки и активности кои им овозможуваат подобрување на стандардот.
За првпат оваа Влада, рече премиерот Ковачевски, воведе субвенциониран оброк за студентите и воведени се и нови категории на студентски стипендии преку Министерството за образование и наука. Најголем дел од категориите на стипендии се изедначени на сума од 6.050 денари месечно, што е зголемување за 80% од претходно.
Воедно, премиерот Ковачевски посочи дека за студентите кои се запишани на дефицитарни студиски програми по математика, физика и хемија, а од минатата година и на земјоделство, шумарство и ветеринарство предвидени се месечни стипендии во износ од 18.000 денари. Воведени се стипендии и за студенти на студиските програми за превод, историја на уметност, археологија, ликовна уметност и етнологија и антропологија, во износ од 6.050 денари.
Говорејќи по настанот на Фармацевтскиот факултет во Скопје, премиерот Ковачевски додаде и дека се предвидени и 500 стипендии во висина од 6.050 денари, за студенти на природно-математичките, техничко-технолошките, биотехничките или медицинските науки.